DW: На повидок почеток на ЕУ-преговори за Северна Македонија и Албанија

Сподели

 

По повеќегодишни неуспеси и разочарувања, двете балкански држави, Македонија и Албанија би можеле во следните недели да добијат зелено светло за почеток на пристапните преговори со ЕУ, пишува агенцијата Асосиејтед Прес.

 

 

Повикувајќи се на изјавата на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, АП информира дека хрватските претставници делуваат сигурно дека ќе успеат да ги исполнат барањата на Франција за реформа на преговорачкиот процес за време на нивното претседателство со ЕУ. Според тие проценки, до крајот на март Северна Македонија и Албанија би можеле да го добијат посакуваниот почеток на преговорите, пренесува Дојче веле.

„Франција имаше некои резерви кои повеќе беа од концептуална природа во однос на методологијата на преговорите“, изјави Пленковиќ во Загреб во четвртокот за време на заедничката прес-конференција со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

Без да наведе детали, Пленковиќ рече дека Европската комисија работи на сугестиите за подобрување на методологијата, и дополнително на уште неколку чекори кои земјите-кандидати би можеле брзо да ги реализираат.

Пленковиќ најави дека проширувањето на ЕУ ќе биде тема и на неговиот состанок со германската канцеларка Ангела Меркел во Берлин следната недела.

DW