DW: Патот за Брегзит е отворен

Сподели

Двата дома на британскиот парламент дадоа согласност за владиниот закон за Брегзит. Тој ѝ овозможува на владата да ја почне процедурата во Брисел за излез на земјата од ЕУ, јавува Дојче Веле.

Со синоќешното гласање, парламентарната постапка е завршена, барањето за излегување на Велика Британија од ЕУ треба да биде поднесено уште овој месец. Изјаснувањето на Домот на лордовите, по согласноста од Долниот дом, се сметаше за формална работа. Усвоениот закон не предвидува право на вето на парламентот на резултатот од излезните преговори. Горниот дом се обиде да вметне ваква клаузула, но наиде на отпор од Долниот дом. Британската премиерка Тереза Меј наскоро може да да ја почне процедурата за излез на земјата од ЕУ, според членот 50 од Европските договори. Нејзиниот портпарол ги демантираше гласините дека таа ќе го стори тоа уште денеска, најавувајќи дека предвидениот датум е крајот на март. По почетокот на процедурата, Велика Британија и ЕУ имаат две години за „бракоразводна парница“. На крајот треба да следува договор, со кој правно ќе биде окончан излезот на Велика Британија од ЕУ, кон која се приклучи во 1973. година.

На референдумот во јуни минатата година, 52 проценти од британските гласачи се изјаснија за Брегизт. Девет месеци потоа, шкотската влада во меѓувреме ги презема првите чекори за спроведување нов референдум за самостојност, премиерката Никола Старџеон вчера најави дека ќе побара од парламентот да ја овласти за преговори со британската влада околу одржување на народното изјаснување. Тоа би можело да се одржи на крајот од 2018 и почетокот на 2019 година. Лондон остро ги критикуваше шкотските планови за референдум, кои се разгореа по одлуката за Брегзит. Шкотите мнозински беа против излезот на Велика Британија од ЕУ и се надеваат дека независна Шкотска може да стане членка на Унијата.