DW: Почеток на крајот за судството „Сваровски – Маневски“

Сподели

Најавата за укинување на Советот за утврдување на факти, во експертската јавност се дожива како почеток на крајот за партиските експерименти и влијанија во судството.

На Судскиот совет ќе му се вратат сите надлежности, ќе се се стави вон сила Законот за утврдување на факти, а со тоа и ќе се укине и Советот за утврдување на факти и одговорност на судиите, најави министерот за правда Билен Саљији. Ова е само една од промените што се подготвуваат во Министерство за правда.

„Формиран е Совет за следење на реформите во правосудството и работна група која работи на донесување и унапредување на стратегијата во правосудството, што се очекува владата да ја донесе во октомври годинава. Оваа работна група со формирање подгрупи ќе работи на донесување специјални закони кои се однесуваат на нашите обврси во делот на правосудството, а тоа е ставање вон сила на законот за утврдување на факти и пренесување на сите надлежности назад во Судскиот совет на РМ“, рече министерот.

Ваквите најави во правосудните кругови се доживуваат како „почеток на крајот на политичкото правосудство.

„Се надевам дека брзо ќе почне демонтажата на судство од типот „Сваровски-Маневски“, мотивирано и раководено од политички, а не од правно-професионални мотиви“, вели судија, кој тврди дека од политички мотиви неговата работа била дадена на оценка пред Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување на одговорност за судија (скратено – Совет за утврдување на факти).

Формирањето на ова правосудното тело кое требаше да ја утврдува одговорноста на судиите по жалби за нивната работа, се шпекулираше дека била идеја на поранешниот министер за правда, Михалјо Маневски, семејно близок со врвот на ВМРО-ДПМНЕ, кого СДСМ го обвинуваше дека е креатор на партизираното судство.

NO FLASH Nikola Gruevski und Mihajlo Manevski (DW)

Се укинува – не се укинува

Законот за Советот за утврдување на факти донесен во февруари 2015 година, уште во фазата на подготовка беше критикуван од Венециската комисија, која децидно препорача: „Функцијата на Советот за утврдување факти да се врати назад во Судскиот совет…“ Таа даде бројни забелешки на сите планирани измени кои се однесуваа на утврдување на одговорноста на судиите, користејќи термни – „збунувачки, опскурни, застрашување врз судиите, зголемување на нивната несигурност, намалување на степенот на независност…“

И покрај ваквата оценка, ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека законот е во насока на усогласување со меѓународните стандарди и со праксата на Европскиот суд за човекови права.

„Концептот содржан во Законот за Судскиот совет на Република Македонија не ги задоволува барањата за непристрасно одлучување што е нотирано и во извештаите на меѓународните организации. Тоа се и причините за донесување на овој закон“, тврдеше ВМРО-ДПМНЕ пред две години.

Но, и покрај одбраната на ова правосудно тело, лани во јули во јавноста протече предлог-закон инициран од владата на ВМРО-ДПМНЕ, со кој се предвидува укинување на Советот за утврдување на факти, со одредба „започнатите постапки да се завршат во рок од три месеци од денот на влегување во сила на овој закон.“

Сепак, Советот не беше укинат. Според владини извори, предомислувањето се случило по сугестија дека тоа тело би можело да биде корисно за заштита на „партиски лојални судии“ доколку стигнат евентуални жалби од страна на СЈО.

СЈО до Советот за утврдување на факти достави жалби за две судијки, едната заради „пристрасно водење на судската постапка, злоупотребување на положбата и пречекорување на службените овластувања“ во предметот „Трезор“, а другата заради „одложување на судската постапка без постоење на законска основа“ во предметот „Насилство во општина Центар“. Не е познато до каде е текот на постапката.

Судбината на овој Совет до крај ја бранеше и Михајло Маневски. Осврнувајќи се на најавите од СДСМ за потребата од генерален реизбор на судии, тој во интервју во мај годинава рече дека не постои законска основа за тоа, и во тој контекст ја нагласи улогата на Советот за утврдување факти.

„Само во поединечни случаи судија може да биде повикан на дисциплинска одговорност по спроведена постапка од надлежен орган за сторена потешка дисциплинска повреда или поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција. Други услови за разрешување на судија нема ниту во Уставот, ниту во кој било друг закон. Советот за утврдување на факти е самостоен и независен орган составен. Тој е единствено овластен по спроведена постапка да поднесе предлог за разрешување на судија, по кој предлог одлучува Судскиот Совет на Република Македонија“, потенцираше Маневски.

 

 Текстот на Дојче веле во целост прочитајте го тука

DW.COM