Во неделава што е зад нас, а по долги месеци неизвесност, конечно е договорен датум за предвремените парламентарни избори на 11 декември, како обид за излез од македонската политичка криза. Колумна на Јасна Котеска
Пред да преминеме кон суштинската анализа на неделава, кон прашањето: што всушност се случи неделава во МВР – македонската јавност, паралелно со датумот за изборите, сведочеше подем на серија од тривијални и бесмислени феномени. Станува збор за извесен тип на „теленовели“ во режија на Власта, кои се случија неделава, а се состојат од: еден скеч, четири кабинетски вињети и еден полициски трилер. Започнуваме прво со лесните феномени.
Трето гласање за старо-нова преодна влада
Културолошките студии велат дека заради брзината на снимањето на мексиканските теленовели во последниве години, актерите од овие серии веќе воопшто и не добиваат текстови од сценаријата што треба да ги научат однапред. Штом ќе дојдат на филмскиот сет, екипата само им дава мали слушалки, преку кои режисерот директно им кажува што треба да одглумат во дадената сцена: „Сега развикај му се“, „Сега удри му шамар“, „Сега гушни го“, и.т.н. Така е во телевизиската индустрија.
Но, што се случува кога еден човек или мала клика луѓе, ќе го „киднапираат“ политичкото ткиво на заедницата и ќе започнат него да го „режираат“? Што се случува со општеството кога лидерот на своите соработници во слушалка им кажува кој „да стане и да удри три, четири шамари“, а кој да „ги спроведе договорите од комбето“? Што се случува со општеството кога „режисерот“ ги вградува луѓето во својата табела на моќта, каде живите човечки битија стануваат марионети, па дури и кога најдоброволно учествуваат во масовниот жив театар (како нашиот несуден, еднодневен министер), за да бидат едвај употребна вредност за личната моќ на лидерот? Во вакви ситуации зборуваме за затворени, тоталитарни општества.
Историјата е полна со тоталитарни водачи кои се однесувале кон животот како кон голема сцена. Хитлер бил нешто како филмски режисер, сакал да ја сруши декадентната европска цивилизација. Сталин сакал да го направи светот „тотално уметничко дело“. Мао Це Тунг бил спремен во име на културната револуција и преродбата да се помири со тоа половина човештво да биде истребено во атомска војна, и.т.н. Тоталитарниот водач е оној кој животот го претвора во голем, масовен театар.
Откако оваа недела, лидерите на четирите партии од Пржино се потпишаа дека се исполнетиминималните услови за избори што самите ги договорија (ад-хок тело за медиуми, некакво минимално согласување околу избирачките списоци и уредник за вестите во МРТВ), пратениците од Собранието по третпат годинава ја изгласаа истата старо-новата преодна влада за спроведување на изборите во декември.
Паралелно со оваа вест, пак, се протнаа и трите најнови производи од студиото на Груевски. Жанровски различни, тие производи на лидерот варираат од недела в недела, од криминални романи до политички трилери, и од драми до романтични комедии.
Еднодневен министер
Оваа недела, владината режија – започна со скеч. Скечот се состоеше во услугите на најкраткотрајниот министер во историјата на македонската политика, кој со МВР раководеше 17 часа, по што ја напушти функцијата. По повод најкратката сенка на власта, во Собранието со пледоаје од 1,5 минута се обрати актуелниот премиер Димитриев, кој рече дека еднодневниот министер максимално професионално ќе ја заврши својата функција. И навистина, министерот најпрофесионално се сликаше во кабинетот и си поднесе оставка.
Најкраткотрајната должност испадна дијаметрално спротивна на најдолготрајната политичка функција во земјава, таа на Груевски. Во превод ова значи дека како што на Груевски се’ повеќе ќе му се ниша позицијата на моќта, така се’ повеќе ќе му требаат вакви интервенции со најкраток можен рок. Со реална, а не веќе само измислена параноја, но и со неможност да верува на поголеми групи луѓе, Груевски во моментов се чини е принуден да ги рециклира истите луѓе што се’ уште ги има околу себе. Токму тоа отвора простор за продолжени интервенции, па затоа владиниот скеч со еднодневниот министер, минатата седмица набрзо се претвори во почеток на мини полициски трилер, со паралелно течење и со ист режисерски печат, а чие дејство се одвиваше во МВР!
Пред да даде аманет за преодната влада, ДПМНЕ имено, најнапред направи прераспределба на дотогашниот министер од челната позиција во МВР на челната позиција во Бирото за јавна безбедност. Веќе е јасно дека зад оваа рокада стои стравот на Груевски од евентуалната улога на специјалците и началниците на УБК во месеците што ќе следат во истрагите на СЈО за наводните криминали на поранешните министри и челници на ДПМНЕ, имплицирани во злосторнички здруженија. Според законот, имено, за својата работа тие ќе мора да го известуваат директорот на Бирото, а не министерот.
Ад-хок рокада
Но, иако итра, рокадата на ДПМНЕ се чини ем задоцнета, ем „ад-хок“ решение, особено ако се има предвид дека и покрај овој „филтер“ за тампонирање на мостот помеѓу СЈО и МВР, сегашниот директор на Бирото, сепак го раководеше МВР една и пол година во време на најсериозната политичка криза во земјава, потоа дека зад себе има безбедносно искуство во организираниот криминал, и конечно, дека за разлика од бројни раководители на другите безбедносни сектори, тој има образование соодветно за секторот што го води. Како што, од друга страна пак, веќе се знае дека во МВР, исто така, постојат активни единици што работат или би работеле на осветлување на злоупотребите на моќта од некогашните функционери на ДПМНЕ, особено во ситуација кога повеќето од аболицираните функционери денес се без извршна власт, па оттука со минимална можност фактички да им наштетат на службите во МВР, а при постојани притисоци за продолжена работа над истрагите од СЈО.
Тоа е и главната причина зошто МВР деновиве вработува нови лица што би им биле од помош на загрозените од ДПМНЕ во некоја потенцијална иднина, што повторно се чини како очаен обид за спас на ресорот кој нема предолго да остане лојален на непринципиелните политики. Како што ниту новите вработувања нема премногу да ги променат позициите на професионалците во МВР кои таму работат со децении, а свесни се дека непринципиелните политики ги загрозија токму самите служби. Сево ова значи дека негативните кампањи против СЈО сепак не го даваат очекуваниот плод.
Од елементарните шаховски правила, пак, знаеме дека рокадата никогаш и не се дефинира како потег важен за двете фигури подеднакво. Рокадата е потег важен само за кралот, и се изведува кога кралот е најдиректно загрозен, па мора да биде повлечен на посигурно место. Тоа ја остава другата фигура незагрозена и со можност да дејствува согласно на својот професионален интегритет.
МВР и СЈО
И токму бидејќи рокадата не беше доволна, неделава МВР беше и остана најважната сцена за итни интервенции на ДПМНЕ. Освен шефот на Бирото, пред два дена се смени и шефот на тајната полиција. Новиот шеф, по професија економист, е веќе трет обид на ДПМНЕ во година и пол од оставката на Мијалков (исто така економист по професија) да најде соодветна замена за некогашниот деветгодишен челник на тајните служби. И повторно се чини дека Груевски и тука нема доволно луѓе кои би можеле да служат како соодветна замена за некогаш неприкосновениот братучед.
Ако се има предвид дека работата на СЈО е централниот дел од Пржино и првата и последната институција на која инсистираат сите претставници на меѓународната заедница во политичката криза во земјава, како и институцијата во која најмногу веруваат граѓаните на Република Македонија, тогаш треба да очекуваме дека ДПМНЕ и во иднина ќе се обидува да ги режира настаните во МВР за да го држи овој сектор под своја контрола. Колку ова ќе му успее на Груевски останува големо прашање. Тој не треба да игра на картата дека професионалците предолго ќе ја пролонгираат агонијата на пропаѓањето на една политичка и економска елита во залез, кога истата таа елита цела деценија паразитираше токму на службите во МВР, како и на другите институции во земјава, од здравството до образованието, а сепак е во толку очајна состојба што мора да поставува бајпас од еднодневен министер како последно утешно решение!
Овде се важни две работи.
Први се граѓаните. Анкетата на ИРИ од јуни 2016 покажа дека над 60 отсто од граѓаните ја поддржуваат работата на СЈО, што е најголем процент на доверба во однос кон која било институција во земјава. И ова е процент во услови кога дел од граѓаните се’ уште немаат услови да ги чујат прислушуваните разговори со наводните криминали, затоа што разговорите не се објавени на големите телевизии, а и затоа што дел од провајдерите повремено ги гаснат двете телевизии на кои евентуално би можел да се чуе понекој критичен тон против Груевски. Тоа значи дека ако 2/3 од граѓаните во земјава, голем дел од нив и без целосен увид во фактичкото владеење на т.н. „фамилија“, сепак не би сакале на гласачките ливчиња да видат кандидати имплицирани во криминални дела, тогаш за ДПМНЕ нема да биде добро ако некои од лицата повеќекратно амнестирани од Иванов се најдат на гласачките ливчиња, а во меѓувреме се дел од истрагите на СЈО за евентуални злоупотреби на моќ. Затоа МВР останува централната битка за спас на Груевски, кој сепак делува се’ поосамен во обидите да го задржи тој сектор за себе.
Вториот фактор е меѓународната заедница. Пред само два дена дојде реакцијата од министерот за надворешни работи на Германија, Штајнмајер, кој поздравувајќи ја веста за договорот за избори, во својата изјава напиша дека: „Останува важно СЈО да може непречено да продолжи со својата работа за разјаснување на злоупотребите на моќта“. А тоа непречено работење, не го обврзува само СЈО, туку и МВР и судовите, како врзани садови.
Партијата срасната со државата
Во ваква ситуација, Груевски е се’ поосамен, делумно и заради очајниот обид да го стави во своја „режија“ ресорот на МВР, во кој има се’ помало влијание, додека од друга страна граѓанското движење и гневот во овие две години нараснаа до степен кога во моментов е всушност и неважно какви се парламентарните карти за декември. Граѓаните на Република Македонија, како и за повеќето досегашни парламентарни избори, најверојатно повторно нема да гласаат за, туку ќе гласаат против одредена политичка клика и фамилија.
И токму во ситуација кога има многу да изгуби, а малку да добие, можеби најтривијалниот, но и најтажен момент од неделава што измина е обидот на службата на Груевски да го спасува неговиот јавен имиџ преку серија од неколку видео снимки што вчера се појавија во медиумите, како несериозна и безмалу комична режија во услови на тешка политичка криза во земјава.
Станува збор за четири видео клипови со траење од 15 до 40 секунди кои вчера, кога водечка вест беше договорот за престојните избори, доминираа на еден од клучните владини портали. Серијата од четири кратки видео вињети беше пуштена како вест со наслов „тематски состанок “ на Партијата!
И во сите четири исечоци, главен лик на „кабинетската теленовела“ е Груевски лично, кој со тефтерот седи на чело на масата на која се поредени ресорните владини министри и градоначалници, кои му даваат отчет пред камерите за сработеното. Темата на вињетите е се’: од планираните водоводи за шест села во Македонски Брод, до санацијата на мостовите и чистењето на канализациската мрежа во Крушевско и до спортските сали во Долнени. Нешто помалку од еден месец од катастрофалните поплави, делумно и како резултат токму на неисчистени канализациски мрежи, а кои однесоа многу човечки животи и оставија материјални штети што владата на ДПМНЕ се’ уште ги нема компензирано, гледачите можеа да го чујат Груевски како им се обраќа на министрите и дури сега од нив бара да му гарантираат дека одредени населени места ќе добијат „десет тони дополнителна нафта за да се исчистат речните корита во село Бучим“ (на пример). Зарем чистењето на каналите не била обврска на ресорните министерства многу пред Груевски да ги испрашува ресорните министри пред камерите, откако самиот нема никаква функција, а цел месец по поплавите?
Година и пол по објавувањето на прислушуваните разговори, во кои се виде смртоносната канцерогена сраснатост на државата со Паријата, се чини дека службата за јавни односи на Груевски веќе и не крие, ниту негира дека Партијата е срасната со државата!
Напротив! Неговиот PR тим, се чини, дури сега е решен најфронтално да ни покаже на сите до кој степен е срасната Партијата со државата! И дека всушност Партијата е многу НАД сите државни и ресорни министерства! А на чело на Партијата е претседателот Груевски со тефтерот, лично.
Текстот во целост прочитајте го тука