DW: Приштина и Тирана одбиваат пресметка со Ѓулен, Скопје молчи

Сподели

Официјална Приштина и Тирана тврдат дека нема барање од Анкара за затворање на „ѓуленовите“ училишта кај нив и најавуваат дека немаат намера да прифатат такво барање. Од Скопје сѐ уште молк.

0,,19413550_303,00

Албанија и Косово не добиле официјално барање од Турција за затворање на училишта кои му припаѓаат или се финансирани од движењето на Фетула Ѓулен – исламскиот свештеник кој според турските власти стои зад неодамнешниот неуспешен обид за пуч во земјата.

Германските и светските медиуми тврдат дека Анкара го засилила притисокот врз повеќе балкански земји да ги затворат училиштата кои наводно се блиски до движењето на Ѓулен. Тоа особено се однесува на Албанија, Косово и БиХ.

„Јас не сум добила никакво официјално барање досега. Но Албанија постапува согласно своите закони. Секоја локална институција работи според нашите закони и не постојат илегални институции во образованието“, вели за ДВ, албанската министерка за образование, Линдита Никола.

Официјална Приштина тврди дека нема намера да затвора турски или приватни училишта.

„Досега не сме добиле официјално барање да затвораме турски училишта и немало официјални разговори на таа тема“, вели за ДВ, Куштрим Шкодра, политички советник во кабинетот на косовскиот министер за образование.

„Можам да ви кажам дека во Косово нема да има затворање на турски или приватни училишта“, додава Шкодра.

Демонстрации за поддршка на Ердоган во Скопје

Скопје молчи

Австрискиот весник „Стандард“ денеска пишува дека во БиХ било побарано затворање на 14 образовни институции раководени од организацијата „Босна Сема“. Орхан Хаџагиќ од таа организација за весникот вели дека досега единствено имале притисок од турската државна новинска агенција Анатолија. „Нема притисок од страна на некоја локална институција или политичка партија“, вели тој.

Македонските власти молчат по барањето од ДВ да објаснат дали Анкара испратила барање за затворање на училишта во Македонија. Според шпекулациите во јавноста, како приврзаници на движењето на Ѓулен во Македонија наводно се сметаат некои невладини организации, мрежа на приватни училишта, еден весник и дел од бизнис заедницата, односно претставници на македонско – турската стопанска комора.

Вчера во Скопје и други градови во Македонија се одржаа демонстрации на поддршка на режимот на Ердоган во Турција. Претседателот на Сојузот на турски невладини организации во Македонија „Матуситеб“, Таксин Ибрахим оцени дека и во Македонија „имало предавници“ кои го поддржувале пучот против Ердоган.

„За ваша информација такви предавници дојдени од Турција има и во Македонија и ние сите заедно треба да ги исчистиме од нашите живеалишта“, рече Ибрахим.

Автор Б. Георгиевски

dw.com