DW: Турција во политички офсајд

Сподели

Турција се менува под раководната палка на Ердоган. Се врши притисок врз политичките неистомисленици, особено врз новинарите. Нема дилема, земјата е во политички офсајд, оценува Александер Кудашеф.

Турција сѐ повеќе влегува во офсајд. Турскиот претседател Ердоган видливо ја насочува својата земја кон автократија со исламски печат. Некои сметаат, па дури и стравуваат дека ја води кон исламска диктатура. Притоа, дури и не станува збор за претворањето на земјата од парламентарна демократија во претседателски систем, кој Ердоган си го крои според себе, веројатно вклучувајќи ја и смртната казна. Станува збор за турското секојдневие: апсење на десетици илјади луѓе во армијата, управата, училиштата, универзитетите, институциите – сите под сомневање дека се приврзаници на движењето на Ѓулен, кое, како што се тврди, сакало да го собори Ердоган. Во овој бран на апсења, правната држава пропаѓа, а со тоа во пропаст се носи и слободата на печатот и на мислење.

Kudascheff Alexander Kommentarbild App Александер Кудашеф, главен уредник на ДВ

Во меѓувреме се уапсени повеќе од 150 новинари. Тие се во притвор. Се затвораат весници, или пак се дисциплинираат. Ретко може да се прочита, види или чуе опозициски став. Сега е затворен дури и германски новинар – Дениз Јучел. И на виделина излезе впечатлива, оправдана солидарност, која оди до владата, канцеларката и министерот за надворешни работи. Германската влада досега беше воздржана во врска со насочувањето на Турција кон автократија. Таа настапуваше умерено. Се обидуваше и натаму да гради мостови кон Турција и Ердоган, меѓу другото и поради оправданата загриженост дека преостра критика кон Ердоган би можел да го загрози договорот за бегалците. Меѓутоа, сега не можеше, а да не излезе со јасно соопштение. И тоа во време, во кое турската јавност е подбуцнувана како ретко кога досега. Зашто, во Турција веќе нема меѓупростор за сиви тонови и диференцирање. Има само про или контра Ердоган. Има само пријател или непријател.

„Сите сме Дениз“ – стои во весниците во Германија, на Фејсбук и на Твитер. Да, ние во медиумите сме сите Дениз. Сите сме загрижени за својот колега и за останатите 154 новинари кои во моментов се во затворите. Загрижени сме за слободата на печатот, за слободата на мислење во Турција. Загрижени сме за Турција. Таа се оттргнува од Европа. Земјата политички е во офсајд. Истражниот затвор за Јучел е синоним за тоа.

dw.com