ДЗС: Да не се палат огнови на отворено

Сподели

Пожарот што вчера избувна во реонот на Скопска Црна Гора зафати ниска мешана шума, а наложи дејствување на воздухоплови на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

Според ДЗС, било дејствувано вкупно седум пати со два авиона, при што беа исфрлени 35 тони вода. Од таму посочија дека никаде во светот не е предвидено да се гасне пожар во ноќни услови, па акцијата на нивните воздухоплови траела до зајдисонце, во рамки на нивните можностите.

„Бидејќи авионите се исклучително скап ресурс и се користат само за непристапни високи предели, апелираме земските служби координирано да дејствуваат на терен, а од воздухопловите да се бара помош само кога има навистина потреба“, наведоа од ДЗС.

И од Центарот за управување со кризи посочија дека пожарот бил на местото викано Влајингроб, а за негово гасење интервенирале и екипи на БППЕ на Град Скопје, но поради ветрот и непристапниот терен гаснењето било отежнато. Пожарот се ширеше кон селата Никуштак, Виштица и кон Матејче во горниот дел од планинскиот превој.

Беше најавено дека ркипите на БППЕ ќе останат на лице место во текот на ноќта за да го контролираат ширењето на пожарот.

Голема површина нискостеблеста шума гореше и на планината Караорман над струшкото село Делогожда. Територијалната против-пожарна единица, не можеше да интервенира поради непристапноста на теренот.

„Многу е стрмно и високо. Побаравме помош од Дирекцијата за заштита и спасување да ги пушти авионите за дејствуваат од воздух“, изјави командирот Ристе Талевски за МИА.

Екипи на струшката пожарна најавија дека ќе дежураат на местото со цел да спречат ширење на огнената стихија кон селото.

Струшките пожарникари вчера интервенираа на повеќе од 10 пати од кои седум на шумски пожари, три стрништа и еден објект во Вевчани.

Исто така, деновиве беше пријавен пожар на местото викано „Сливница“, атар на село Русиново, беровско, каде беше зафатена букова шума.

Поради зачестените полски и шумски пожари, ДЗС упати апел и предупредување до сите кои работат или се движат на отворен простор да не палат огнови. Апелот посебно се однесува на земјоделците кои интензивно се подготвуваат за пролетната сеидба и ги чистат и палат отпадоците и стрништата на нивите.

„Апелот се однесува и за оние кои се движат и работат во шумите, на излетниците, но и на сите граѓани, зашто доволно е само мала искра за да се потпали сувата трева или околната нискостеблеста вегетација. Исто така, граѓаните не треба да вршат палење на отпад и друг горлив материјал и да не фрлаат отпушоци од цигари и догорчиња“, рекоа од Дирекцијата.

Доколку забележат пожар на отворен простор, велат тие, должност е на секој граѓанин најбрзо што може да го пријави во надлежните институции.

„Од брзината на јавувањето, содржината и точноста на информации зависи и исходот, односно успехот на акцијата за гасење на пожарот. ДЗС будно ја следи ситуацијата со пожарите во државава и реагира онаму каде што е потребно, во интерес на граѓаните и животната средина“, соопшти Дирекцијата.