ЕБОР одобри 1.5 милиони евра кредит на Шпаркасе банка во С.Македонија

Сподели

 

  • Кредит од ЕУР 1.5 милиони за Шпаркасе Банка АД Скопје за инвестиции во енергетска ефикасност 
  • Дополнителна поддршка од донаторите во поврат на инвестираните средства во износ до 20 отсто 
  • Кредитната линија е одобрена преку донаторската поддршка од Програмата ГЕФФ за Западен Балкан   

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Шпаркасе банка во Северна Македонија  продолжуваат во заедничкото промовирање на енергетската ефикасност во Северна Македонија со дополнителни средства кои се достапни за на домаќинствата, наменети за заштеда на енергијата.  

ЕБОР одобри кредит во износ од ЕУР 1.5 милиони за Шпаркасе банка, со кој се овозможуваат средства за инвестиции во енергетска ефикасност. 

Финансирањето е обезбедено под Програмата за финансирање на зелена економија (Green Economy Financing Facility – GEFF) за Западен Балкан, со која се поддржуваат енергетски ефикасни решенија за изградба на позелена и поодржлива економија. Новиот кредит за Шпаркасе банка е одобрен преку третата фаза од ГЕФФ Програмата за Западен Балкан, која до сега им има помогнато на над 14.000 домаќинства во регионот, со кредити во износ од ЕУР 75 милиони, во мерки за подобрување на енергетската ефикасност. 

Анди Аранитаси, Претставник за Северна Македонија, ЕБОР, изјави: ,,Ни претставува задоволство што соработуваме со Шпаркасе Банка во рамките на ГЕФФ програмата и што сè поголем број на граѓани го препознава значењето и поволностите од инвестирање во енергетска ефикасност. Овие инвестиции ќе овозможат зголемена удобност во домаќинствата, и ќе се намалат сметките за потрошена електрична енергија.’’ 

“Ми претставува задоволство да ја продoлжиме успешната приказна на GEFF  програмата од ЕБРД во која Шпаркасе Банка АД Скопје има значително учество во Република Северна Македонија. Со оваа линија сакаме да ги поттикнеме граѓаните да инвестираат во своите домови во напредни технологии со што ќе имаат повеќекратен поврат, атрактивен финансиски грант до 20% од инвестицијата и ќе постигнат одржливост на својот дом во иднина”  – изјави г-ѓа Нина Неданоска, Заменик Претседател на Управниот одбор на Шпаркасе Банка АД Скопје.

Физичките лица ќе можат да аплицираат за кредити за инвестиции во изолација, прозорци, топлотни пумпи, соларни панели и други подобрувања, сé во насока на  зголемување на енергетската ефикасност за домаќинствата и намалување на потрошувачката на енергија. По успешната имплементација на инвестицијата, сопствениците на домаќинствата ќе можат да добијат до 20% поврат од инвестираната сума, благодарение на поддршката од програмата за Директно партнерството за климатско влијание (High-Impact Partnership on Climate Action – HIPCA), поддржана од владите на Швајцарија и Јапонија. ГЕФФ програмата е ко-финансирана од ЕУ, Австриското Федерално Министерство за финансии, и  билатералните донатори  на Инвестициската програма за Западен Балкан (Western Balkans Investment Framework-WBIF). 

До крајот на Ноември 2022 година, ГЕФФ во Северна Македонија е искористена од повеќе од 3.500 домаќинства, и обезбеди кредити за индивидуални проекти преку партнерските финансиски институции во износ од скоро ЕУР 27.5 милиони. Со нив се овозможи заштеда на енергија во износ од над 17.000 MWh и годишно намалување на емисиите на јаглероден диоксид од 7.000 тони. Најмногу се инвестира во прозорци, врати, изолација, бојлери на биомаса и топлотни пумпи. 

ЕБОР е една од водечките институции, инвеститори во Северна Македонија. До денес има инвестирано над 2.5 милијарди евра во проекти од различни сектори на економијата.