Единствениот европски број за итни повици 112 функционира на ниво на целата држава

Сподели

 

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов на денешната прес-конференција информираше дека единствениот европски број за итни случаи 112 веќе функционира на ниво на цела држава. 

Досега за еден месец се примени околу 27.000 повици, од 1 март, или повеќе од 1.550 повици на дневна основа.

– Од денеска започнуваме со кампања во соработка со Канцеларијата на ЕУ којашто ќе оди на две национални телевизии, една на македонски, една на албански, со која што граѓаните ќе бидат известени и запознаени со постоењето на овој број. Покрај на овие две национални телевизии кампањата ќе оди и на неколку радија, како и на неколку локални телевизии. Воедно оваа кампања за запознавање на граѓаните со постоењето на 112 ќе оди и на интернет и тоа на повеќе портали, на повеќе веб страни и на Фејсбук и на Јутјуб – граѓаните ќе можат да се запознаат со постоењто на 112 преку трите афирмативни спотови, наведе Ангелов.

Вршиме селекција на повиците врз основ на приоритетот, односно повици на коишто треба итно да се одговори затоа што се животозагрозувачки и повици кадешто граѓанинот којшто има неопходна помош може малку да почека, бидејќи сепак капацитетите се ограничени и не може во исто време да се излезе во пресрет на повеќе засегнати граѓани, истакна Ангелов.

Тој потенцираше дека постоечките броеви 192, 193 и 194 и понатаму постојат и се отворени.

Тој наведе дека повиците на 112 се снимаат и доколку при повикот некој се однесуваа несоодветно, навредува или слично за истото ќе биде пријавен во МВР.