Една година од насилствата во Собранието на Р. Македонија

Сподели

Денеска се навршува една година од упадот и насилствата во Собранието на Република Македонија. Во јавноста се уште не е докрај јасно зошто и како се случија насилствата, дали има нарачатели, кој се е вмешан, дали изборот на претседател на Собранието беше иницијалната нишка или нешто друго е во прашање.

Настанот се случи по завршувањето на пленарната седница, кога сега владејачкото мнозинство пристапи кон избор на претседател на Собранието, по четиримесечната блокада од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Пред зградата на Собранието протест одржуваа граѓани предводени од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ кои се спротиставуваа на изборот на Талат Џафери од ДУИ за претседател на Собранието, но и на т.н. тиранска платформа. Протестите на „За заедничка Македонија“ траеја со денови пред настанот, кој се третира како најнегативен во македонската демократска историја.

Лекарската помош по насилствата на 27 април во Собранието, според извештајот на МВР побарале 70 граѓани, 22 полицајци и тројца пратеници.

Повредени беа премиерот Зоран Заев, сегашните министри Оливер Спасовски, Љупчо Николовски и Дамјан Манчевски и Максим Димитревски и Зијадин Села.

Основното јавно обвнителство за гонење на организиран криминал и корупција на 27 март годинава до Основниот суд Скопје 1 поднесе обвинителен акт против 30 лица во врска со настаните од 27 април 2017 година. Дваесет и осум лица се обвинети за кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, а две за помагање при вршење на истото кривично дело.

Обвинетите, според Јавното обвинтелство го загрозиле уставниот поредок и безбедноста на РМ со акт на насилство со што создале чувство на несигурност и страв кај граѓаните. ЈОРМ смета дека обвинетите дејствувале со иста цел, извршувајќи поврзани и усогласени дејствија.