“Една може”: Повеќекомпонентна мерка за потребите на секое еднородителско семејство

Сподели

 

Со започнување на вториот мандат на Владата, очекувањата одеа во насока на конечно поставување на темели на социјална држава, каква што впрочем сме, според највисокиот државен правен документ, Уставот.

Со започнување на вонредната состојба, специфични мерки беа креирани за различни групи, а самохраните родители како по минатогодишниот терк беа и се изоставени и за нив не беа креирани индивидуализирани пакети на мерки.

Безброј самохрани родители останаа без работа.

Дел поради тоа што биле дел од неформалниот пазар на трудот (зошто формалниот пазар не може да одговори на специфичното секојдневно функционирање на овие семејства а државата повторно не креира можности), друг дел ги загубија работните места поради несензибилност на приватниот сектор и по дифолт немаат разбирање за оние кои немаат опција за чување на децата.

Трет дел тек сега ќе ги изгубат работните позиции, овој пат поради тоа што на Четвратата седница на Влада на Република Северна Македонија одржана на (14.09.2020), токму оние кои треба да работат и земаат плата од сите граѓани на републикава, донесоа одлука која се коси со здрав разум: „Сите – читај вклучително и самохраните родители, се враќаат на работа од 23 Септември – среда, иако учебната година е претумбана да почнува од Октомври месец 2020 година. Од Октомври учебната година физички ќе се одвива само од 8:30 до 10:30 часот.

Апропо оваа фактичка состојба, се наметнуваат повеќе прашања:

1. Како замислувате децата (оние од прво до четврто одделение) од 23 Септември до 1 Октомври да седат сами дома?

2. Како замислувате да се одвива работен ден на самохран родител, кој треба да однесе дете/ца на училиште во 8:30 и да ги земе во 10:30 па да ги однесе сами дома да седат до 16 часот и да се врати на работа?

3. Како замислувате дека треба да се вратат на работа самохраните родители на кои не им ги примија назад во градинка децата на возраст до 5 години?

4. Како замислувате дека едно четвртодделенче ќе седи само дома и ќе следи хибридна настава, ќе управува со компјутер, скенер, принтер, имање и немање интернет и собирање и печатење на несоосдветно формираната документација која неспремните стручни кадри ја испраќаат до учениците?

4.А. Дали се обезбеди компјутер, принтер и интернет во секој дом каде има деца кои ќе следат хибридна настава?

5. Дали и понатаму самовработените, оние најхрабрите кои превземаат тројни ризици, ќе бидат оставени во егзистенцијална криза, со потенцијален ризик од бездомништво? Овие родители, иако навидум ослободени од работа, мораат самите да платат придонеси и да си доделат плата, а со не одење на работа и без никаква помош тоа е невозможно, па голем дел се соочија со блокирани сметки, затварање на своите мали бизниси и иако најчесто пријавени на минималец, беа изоставени од мерките наменети за таа група на граѓани.

Според ова, Една може! собирајќи ги искуствата, препораките и предизвиците од целната група – самохрани родители, препорачува:

Повеќекомпонентна мерка која ќе може да се индивидуализира според потребите на секое еднородителско семејство.

1. опција за училишно згрижување со пратење на сите препораки за заштита (онака како што ќе следат настава тие два часа, да бидат згрижени во дневен престој во училиштата се до 16 часот)
2. опција за државен трансфер на средства со конкретна намена – плаќање на тутори/ки за носење, земање и дочувување на децата во своите домови до 16 часот
3. опција за работа од дома за самохраните родители кои работат работа која овозможува работење од дома

Хармонизирање на законите за образование и вработување зошто се поврзани и не висат во различни вселени туку се меѓусебно зависни.

Само вака ќе покажете дека не сакате да создавате нов социјален базен, трансгенерациска сиромаштија, дека нема да продолжите да дискриминирате со игнорантност и не земање во предвид на различностите со што дополнително мултиплицирате општетсво на раздор, мизогинија, класна сегрегација, феминизирана сиромаштија и угнетувате кај што треба позитивно да дискриминирате, се наведува во соопштението на ЕДНА МОЖЕ!