ЕГЗЕКУЦИЈА НА ЗАБОРАВОТ – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели

 

Што можеме да кажеме во своја одбрана пред Софија, Белград и Атина, кои нас не одрекуваат? И тоа цивилизациско злодејствие го правеле – отсекогаш.

Самиот факт дека сме се појавиле на овој простор и дека не исчезнавме, еден е од доказите за нашата вина. Дури, веројатно, тоа е најголемата наша, македонска, вина. Дефинитивно, ние сме криви што во центарот на Балканот се појавила една македонска нација и држава, наспроти желбите и аспирациите запишани во големодржавните планови на трите балкански монархии.

Дали постоењето на македонската националноослободителна борба, со сите свои илузии и национални поревања во илинденскиот и поилинденскиот период, е некаков доказ за нашиот виталитет? Дали е доказ нашата успешна антифашистичка борба? Дали се доказ сите културно-национални достигнувања за време на осумдесетгодишното егзистирање на македонската национална држава? Не е, ако се прашуваат „болните глави“ во Софија, Белград и Атина и нивните врховисти распослани како крлежи низ сета Македонија. Таа македонска борба, за нив, во најдобар случај, е само дел од нивната „борба“ за „обединување“. По нив, наводното непостоење на автентична и автохтона македонска националноослободителна борба, значи дека не постојат ниту Македонци.

Во минатото, ваквото антимакедонско, агресивно-милитаристичко, дејствување од страна на разните балкански националистички лудаци ја завиткаа Македонија во црно. Секако, заедно со нив, и она на македонските врховисти, кои се ставиле во платена служба на некои од кралските дворци, оние како Цончев и Матов, Бабунски и Коте, Александров и Михајлов… На сите нив трагите им смрдат на македонски лешеви, им мирисаат на терор за остварување на туѓите идеали, на реа на нечовештина и антимакедонштина, на предавства и уништувања на сè национално македонско. Фрапира фактот дека во Македонија денес, сè повеќе, има јавни будали и неморални „интелектуалци“ кои ги негираат, затскриваат, ги правдаат, па дури и ги величаат злосторствата на балканските главосечачи и на македонските врховисти и фашисти. Тие упорно ја негуваат надежта дека криците на испотепаните македонски дејци по улиците и занданите на Белград, Софија и Солун, ќе се загубат низ времето, дека ќе успеат на сите да им наметнат едно ново и „разубавено“ лоботомирано сеќавање, во кое злосторниците се херои, антимакедонците се македонски патриоти, окупаторите се ослободители, а ослободителите и македонските државотворци идеологизирани крвници.

Дека Македонците не се Македонци туку Бугари, Срби или Грци е стара парола во служба на големодржавните политики на балканските центри, но тоа е парола која неуморно папагалски се преповторува и денес. Да се еманципираш од таа националшовинистичка теза, да го чувствуваш својот македонски литературен јазик за рамноправен на јазиците на соседите и на сите останати светски јазици, значеше и значи да се чувствуваш како одделен национален, политички и културен субјект. Но тоа, значеше и значи дека треба да живееш под постојаните денунцијации од врховизмите за наводно „предавство“ и „комунистичко кривоверството и идолопоклонството“. Сето тоа пак, многу често, значеше и значи да си на удар од иквизицијата на силната антимакедонска пропаганда што сурово, веќе со децении, деградира и демонизира.

Да им се споменат на овие македонски негатори и фалсификатори, сите буни и востанија, сите македонски националноослободителни дејци од Пулески до Конески и од Иљо Малешевски до Кузман Јосифовски, е јалова работа. А, и покрај таа јаловост, многумина македонисти, во разни пригоди, тоа го направиле веќе безбројно пати. И со јавен, и со пишан збор. Фактички, и денешното грубо и безобразно негирање на македонската борба како македонска националноослободителна борба, денешното оцрнување на вистинските македонски борци како „комунисти“ и „туѓи платеници“, ни зборува дека антимакедонските центри на Балканот и нивните врховистички агенти во самата Македонија, не се откажале од своите илузии дека еден ден ќе ја освојат македонската територија и ќе ги уништат македонските луѓе.

Нашата задача како поединци, но и задача на сите македонски државни институции, е да се спротиставиме на ваквите националношовинистички атаци преку егзекуција на заборавот за македонските културно-национални величини како Мисирков, Вапцаров, Коста Веселинов, Антон Попов, Славко Јаневски, Рацин, Шопов, Конески…, да се спротиставиме со помнење и чествување на сите оние кои сопствената жртвата ја возвишија до недвојбен израз на нашиот национален подвиг, со работа врз откривање на сите драматични елементи на македонската долготрајна и крвава борба за национален опстанок. Тоа е, секако, е необично сложена задача која претпоставува долготрајни научно-методолошки напори околу собирањето на, сè уште, слабо познатиот материјал од нашето македонско минато, особено за нашата културно-национална историја. Уште повеќе, нашата задача е да се спротиставиме на антимакедонските културни, политички и национални тенденции преку развивање на високо ниво на сите капацитети на македонската држава и поддршка и фаворизирање на сите оние кои недвојбено се чувствуваат како Македонци и имаат знаење и способност, насекаде и секогаш, да го афирмираат македонскиот национален идентитет.