ЕМА: Вакцината на Астра Зенека е безбедна

Сподели

 

Европската медицинска агенција (ЕМА) соопшти дека вакцината на „Астра Зенека“ е безбедна и нејзините бенефити ги надминуваат можните ризици, откако се појавија ретки случаи на лица кои развиле или починале од тромбоза по вакцинирање со оваа вакцина.

„Јасниот научен заклучок е дека ова е безбедна и ефикасна вакцина каде бенефитите се поголеми од ризиците“, изјави извршната директорка на ЕМА, Имер Кук, која додаде дека се забележани неколку случаи за сериозно згрутчување на крвта, поради што не може целосно да се исклучи поврзаноста на овие случаи со вакцината.

Конечната одлука останува на земјите членки на ЕУ дали ќе продолжат да ја користат вакцината на „Астра Зенека“.

Сепак, ЕМА оценува дека со оглед на ризикот од самиот коронавирус, вакцината треба да продолжи да се користи затоа што штити од болеста.

Сабин Штраус од Комитетот за проценка на ризик од фармаковигиланца при ЕМА потврди дека е важно да се додадат предупредувања за вакцината на „Астра Зенека“.

„Згрутчувањето на крвта е помало во однос на генералното население, но сѐ уште има неизвесности, ретки случаи на специфични невообичаени случаи на тромбоза“, рече Штраус.

Според комитетот, овие опасни нус-ефекти се појавуваат седум до четиринаесет дена по вакцинирањето во просек, поради што здравствените работници треба да останат внимателни во тој период, а граѓаните да бидат информирани за овие случаи.

Од компанијата „Астра Зенека“ изјавија дека ќе продолжат да соработуваат со здравствените власти за да се обезбеди соодветна употреба на нивната вакцина против ковид-19.

„Компанијата ги препознава и ќе ги спроведува препораките на Комитетот за проценка на ризик од фармаковигиланца при ЕМА, вклучително и континуирано ажурирање на информациите за производот. Имаме разбирање за природата и релевантноста на овие случаи за да се обезбеди безбедно доставување на вакцината и понатаму за време на оваа јавна здравствена криза. Анализата на безбедносната база на податоци на „Астра Зенека“ за десетици милиони записи за вакцината не покажа дека овие настани се случиле почесто што би се очекувало кај милиони луѓе“, велат од „Астра Зенека“.

Оттаму потенцираат дека безбедноста на вакцините е од најголемо значење и ги поздравуваат одлуките на регулаторите кои ја потврдуваат огромната корист на вакцината за запирање на пандемијата.

Во земјава, пак, две пратки од вакцините од „Астра Зенека“ треба да пристигнат на 31 март и 15 април, со можно задоцнување, како и кинеските вакцини кои исто според најавите на производителот се очекуваат да стигнат на крајот од месецот, информираше министерот за здравство, Венко Филипче во вчерашното гостување на тв24.