Македонската ракометна репрезентација денеска во Вараждин ја започнува втората фаза од Европското првенство, противник е силната селекција на Шпанија.
Македонија – Шпанија се игра вечерва во 20.30 часот.
Филип Миркуловски очекува уште еден инфаркт-натпревар, но македонските навивачи ќе преовладуваат на трибините, така што тоа ќе биде значаен ветер во грб за Македонија.
„Шпанија е селекција од самиот врв, најнезгоден противник со кого ќе играме на ова ЕП бидејќи имаме сличен систем, слична игра и затоа ќе биде тежок дуел, израменто докрај како на претходните. Можеби ќе имаме предност поради навивачите. Шансите се 50-50, а доколку победиме со една нога ќе бидеме во полуфинале“, вели Миркуловски.
– Во Вараждин ќе имаме поддршка од повеќе од 3 илјади фанови, што ќе биде поддршка за нас и притисок за противникот. Ние уживаме во атмосферата и подготвени сме да дадеме се. Изненадување е што бевме први во првата фаза, па поради тоа пораснаа и очекувањата. Пред нас имаме тешки натпревари со Шпанија и Данска, но со карактер и борбеност, мислам дека имаме шанса, изјави селекторот Гонзалез.
Ова ќе биде посебен дуел за Раул Гоналез кој за прв пат ќе се сретне против својата земја, селекторот на Македонија призна дека ќе му биде чудно да игра против Шпанија, но рече и дека на теренот ќе нема сентименталности, па доколку може би ги победил своите и со 15 голови разлика.