ЕП ВО РАКОМЕТ 2018: МАКЕДОНИЈА ЈА СОВЛАДА СЛОВЕНИЈА

Сподели

Македонската ракометна репрезентација со победа ги почна натпреварите во групната фаза на ЕП во Хрватска. Совладана е силната репрезентација на Словенија и обезбедени се првите два бода на првенството, кои веројатно ќе бидат клучни за пренесување на бодови во втората фаза. Македонија испиша нова страница во својата ракометна историја, бидејќи за првпат едно ЕП го почнуваме со победа. Исто така, ова е наш втор триумф против селекцијата на Словенија, бронзената репрезентација од минатото СП.

Во првото полувреме немавме многу причини за радост, бидејќи Словенците имаа постојано водство, кое на моменти изнесуваше и четири гола. Особено забележителен беше нивниот голман Скок, кој брзо стигна до бројката од десет одбрани и кој претставуваше непремостлива пречка за нашите стрелци.

Се се промени со влегувањето на Никола Митревски, кој воспостави баланс и им даде дополнителен мотив на нашите напаѓачи. До крајот на првото полувреме нашите репрезентативци успеаа да го израмнат резултатот и да заминат на одмор при израмнети 11:11.

Второто, пак, полувреме промени се. Од самиот почеток Македонија тргна во вистинска опсада на голот на противникот, а тоа резултираше со цела серија на погодоци и убедливо водство со четири гола разлика 15:11. Сепак, Словенците многу брзо се вратија од шокот, па, користејќи ја бројната предност на теренот, најпрво го израмнија резултатот, а потоа повторно минаа во водство.

Последните десетина минути минаа во драматична борба и игра гол за гол. Сепак, поголемата желба и поголемата среќа беа со нашите репрезентативци, кои на крајот славеа минимална победа, со резултат 25:24.

.

Македонија – Словенија  25:24 (11:11)

Maкедонија: Митревски (10 одбрани), Ристовски (4 одбрани), Манасков 8, Велковски, Стоилов 1, К.Лазаров 7, Прибак 1, Јоновски, Талески 1, Миркуловски 2, Маркоски, Кузмановски, Георгиевски 2, Ф.Лазаров 2, Поповски и Пешевски 1.   Седмерци: 5/6.   Исклучувања: 12 минути.

Словенија: Скок (14 одбрани), Лесјак, Благотиншек 3, Цингесар 3, Гребенц, Хенигман 1, Јанц 3, Бежјак 1, Кавтичник 1, Мачковшек 2, Маргуч 2, Млакар 4, Сухолежник 1, Вердинек, Жабиќ и Зарабец 3.   Седмерци: 3/4.   Исклучувања: 20 минути.