Ерик Мејер, Заменик шефoт на мисија во Амбасадата на САД во работна посета на „Алкалоид“

Сподели

 

Делегација од Амбасадата на Соединетите Американски Држави, предводена од г. Ерик Мејер, заменик-шеф на мисија во Амбасадата на САД во Скопје, оствари работна посета на „Алкалоид“ АД Скопје.

 

 

 

За време на посетата високиот дипломатски претставник беше запознаен со резултатите од работењето на компанијата, со нејзините пласмани и со производствените операции. Беа презентирани и големиот број инвестиции кои континуирано ги реализира „Алкалоид“ низ годините, извозните операции на компанијата, како и активностите за општествена одговорност како едни од клучните заложби на корпоративната политика на компанијата.

 

 

 

 

Акцентот на посетата беше ставен врз долгогодишната успешна соработка на компанијата со Соединетите Американски Држави, во кои „Алкалоид АД“ Скопје во 2005 година основаше своја подружница со седиште во Њу Олбани, Охајо. На ваквиот деловен потег му претходеше успешната деловно-техничка соработка со реномирани компании од САД, како на пример „Pfizer“ и „MSD” (Merck Sharp & Dohme), трасирана пред повеќе од 5 децении. Во моментов „Алкалоид“ е партнер од избор на неколку реномирани американски фармацевтски компании со кои има различни форми на соработка, како на пример лиценцно производство, маркетиншко застапување и авторизации за дистрибуција на нивните производи.

 

 

 

Од деловните потфати во САД особена гордост за „Алкалоид“ се пласманите на чаеви од програмата „Good Nature“. Во изминатите 17 години компанијата има воспоставено успешна соработка со американски компании специјализирани за производство и за дистрибуција на чаеви и на природни лековити производи, како на пример реномираната „АВЕДА“, членка на групацијата „Есте Лаудер“, и компаниите „Арбон интернационал“, „Свансон“ и други. Чаевите на „Алкалоид“ на американскиот пазар се присутни и под сопствен бренд, пласирани во големи ланци на маркети, а се продаваат и преку мрежата на „Амазон“.

 

 

 

 

Мејер го истакна своето задоволство од успешното работење на „Алкалоид“, а особено беше фасциниран од обиколката на производствените капацитети на компанијата, како и од високото ниво на технолошка опременост и од обучениот кадар кој управува со процесите. Ерик Мејер е дипломат од кариера, кој ја презема должноста заменик-шеф на мисија во Амбасадата на САД во Скопје во август 2021 година, а оваа посета беше дел од неговата агенда за запознавање со македонските компании.