ЕУ ја исклучува можноста да посредува во врска со проблемот на Каталонија

Сподели

Официјалните претставници на Европската Унија ја исклучија можноста да помогнат со посредување во спорот меѓу шпанската и регионалната каталонска влада во врска со претстојниот референдум за независност на Каталонија, пренесува Anadolu Agency (AA).

Антонио Тајани, претседател на Европскиот парламент, на денешниот Самит на ЕУ во Естонија изјави дека спорот е „шпански проблем во којшто можеме да сториме малку“.

„Тоа е проблем на почитување на шпанските закони, кој Шпанците треба сами да го решат“, рече претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани.

Каталонските надлежни, вклучително и градоначалникот на Барселона, побараа од ЕУ да интервенира со цел да се намалат тензиите во пресрет на референдумот планиран за в недела, за којшто шпанските власти тврдат дека е неуставен.

Тајани рече дека ЕУ ќе продолжи да ја поддржува шпанската Влада бидејќи „од правна гледна точка, Мадрид е во право“.

„Мислам дека е важно да се разговара на политичко ниво по понеделник“, истакна Тајани.

ЕУ претходно посочи дека Каталонија ќе биде исфрлена од блокот доколку прогласи независност.