ЕУ: Расправа за стратегијата за Брегзит без Британија

Сподели

Земјите членки на ЕУ, расправаат денеска за заедничката стратегија на Брисел во врска со преговорите за Брегзит, без присуството на Велика Британија, објави британската телевизија Скај.

На редовниот Самит на Унијата, присуствува и британската делегација, што ја предводи премиерот Тереза Меј, затоа што Британија се уште е членка на ЕУ, но вратата за Меј ќе биде затворена на посебната седница посветена на британското излегување од ЕУ.

Претстваник на Даунинг стрит 10 ваквата ситуација, која дел од медиумите ја прокоментираа како „понижувачка„ за Британија, ја објасни со прифаќање на реалноста од страна на Брисел.

„Ваквата постапка е само потврда на тоа дека Британија навистина излегува од ЕУ, како и дека другите 27 држави ја прифакаат таа реалност„- изјавил во Лондон портпаролот во кабинетот на Тереза Меј.

Телевизија Скај посочува дека станува збор за соопштение наменето за домашната јавност, во која се уште има силни отпори на Брегзит, предупредувања за потенцијалните сериозни последици (за домашната економија) од таквиот чекор, како и поделени мислења во владата во Лондон, за тоа како да се изведе целиот тој процес.

Од почетокот на јули, фунтата бележи намалување на својата вредност, а инфлацијата нарасна на 1,2 отсто, што е пораст од безмалку 50 отсто во споредба со состојбата пред референдумот од 23 јуни, иако засега другите економски параметри се задоволителни за Британија.