ЕУ со позитивни оцени за придонесот на НБРМ во намалувањето на инфлацијата

Сподели

Инфлацијата се намали од 19,8% на 4%, како резултат на монетарното затегнување и нормализацијата на цените на храната и енергијата, се наведува во заклучоците од овогодишниот економски и финансиски дијалог на Европската Унија со земјите од Западен Балкан, Турција, Грузија, Молдавија и Украина. Европската комисија ги истакнува мерките коишто Народната банка ги презеде во изминатиот период, со цел да ја стабилизира инфлацијата, инфлациските очекувања и да ја поттикне денаризацијата. Во заклучоците се наведува дека банкарскиот сектор и натаму е стабилен, со поволни показатели за адекватноста на капиталот и ликвидноста, како и ниски нивоа на нефункционални кредити. Европската комисија препорачува монетарната политика да остане затегната, онолку колку што е потребно, за да се закотват инфлациските очекувања на нивото коешто ќе осигури стабилност на цените и на девизниот курс. Се наведува и дека е неопходно да се заштити независноста на централната банка во извршувањето на нејзините клучни законски задачи.

Во рамките на економскиот и финансискиот дијалог на Европската Унија со земјите од Западен Балкан, Турција, Грузија, Молдавија и Украина, којшто се води врз основа на Програмата за економски реформи 2024 ‒ 2026 година поднесена од страна на земјите кандидатки, институциите на ЕУ даваат осврт и оцена на политиките и реформите во различни сфери на економијата и финансискиот систем, додека носителите на политиките даваат свој осврт и очекувања за идниот период. 

Вицегувернерката Емилија Нацевска ја претставуваше Народната банка на дијалогот со ЕУ. Во своето излагање, таа истакна дека Народната банка и натаму ќе води претпазлива монетарна политика, сѐ додека со сигурност не може да се каже дека процесот на дезинфлацијата е одржлив и дека на среден рок ќе се осигури ценовната стабилност. Таа посочи и дека Народната банка и натаму, преку мерки и регулаторни барања, ќе ја зајакнува отпорноста на банкарскиот систем и ќе ги унапредува сопствените институционални капацитети за подобро справување со светските трендови и предизвици.

Вицегувернерката Нацевска ја истакна и заложбата на Народната банка во изминатиот период за спроведување на реформскиот процес за зајакнување на регулативната рамка и приближување до стандардите на ЕУ. Таа посочи дека Планот за раст за Западен Балкан дава можност за побрза интеграција на регионот во Единствената платежна област во евра (СЕПА). Народната банка веќе поднесе првично барање за влез во СЕПА и е подготвена да работи на затворањето на евентуалните регулативни јазови, како предуслов за влез во СЕПА, што би донесло повеќекратни предности за потрошувачите, компаниите и финансиските институции. Во своето излагање, вицегувернерката се осврна и на придонесот на Народната банка кон зелената транзиција и подготовките на банкарскиот систем за овој процес. Народната банка го усвои првиот Среднорочен план во областа на управувањето со климатските промени за периодот 2023 ‒ 2025 година, којшто предвидува активности за регулирање и надзор на климатските ризици, вклучително и стрес-тестирања на банките поврзани со климатските промени, а беа усвоени и Насоките за управување со климатските ризици за банките. Во согласност со светските трендови, Народната банка веќе ги направи и првите чекори за „зазеленување“ на своето инвестициско портфолио во рамките на управувањето со девизните резерви.