Осигурителната компанија „Еуросиг” ќе треба да исплати отштета од над 800 илјади евра за автобуската несреќа која што се случи кај Ласкарци на 13 февруари. Претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија за осигурувањето, Климе Попоски денеска на прес-конференција рече дека во овој случај најверојатно ќе биде исплатена максималната законски предвидена сума.
– Во Законот за задолжително осигурување има пропишано максимален износ на штета предизвикана од автобус. Максималниот износ по еден осигурителен случај може да изнесува 675 илјади евра – рече Попоски, појаснувајќи дека ова е по основ на полисата за автоодговорност и дека таа сума ја делат сите во сообраќајката.
Тој додаде дека дополнително по основ на полиса за патници во јавен превоз може да бидат исплатени 200 илјади евра, така што е предвидено 4.500 евра по смртен случај, 9.000 евра за траен инвалидитет и 2.000 евра за повреди и лекување
– Дополнително доколку оштетените имаат основ и побаруваат повеќе од овој максимален износ на штета тогаш тие директно можат таа штета да ја побаруваат од причинителот на штетата – вели Попоски.
Ова, како што соопшти, ќе биде една од поголемите исплатени штети во последните години, покрај онаа за хеликоптерската несреќа, а минатата година највисоката штета е исплатена во износ од 35,196 милиони денари на правно лице од страна на компанијата Осигурување Македонија.