Оптимизмот на граѓаните за влегувањето на Македонија во ЕУ драстично се намалува од година во година. Тоа е доволен показател дека граѓаните не сакаат повеќе да чекаат, дека сакаат брзо отпочнување на преговорите и очекуваат брзи реформи кои ќе им донесат добробит.
Уште од осамостојувањето до денес, двете крупни стратешки цели на Македонија се полноправно членство во НАТО и ЕУ. Членството во Северноатлантската алијанса беше заокружено во 2020г. со поддршка од страна на сите релевантни политички чинители. Што се однесува до делот со ЕУ, може да се констатира дека изминативе неколку години сите бевме сведоци на успорување на евро-интеграцискиот процес во регионот, иако беа направени големи компромиси кои кулминираа со Договори помеѓу Скопје и Атина на средината на 2018г., а пред тоа помеѓу Скопје и Софија летото 2017г., што придонесе до нарушување на кредибилитетот на Европската Унија, намалување на нејзиното влијание и бледнеење на европската перспектива во очите на граѓаните во земјите од регионот.
Постојат неколку причини зошто извесен период фокусот на ЕУ не беше ставен кон проширувањето. Треба да се напомене дека веќе подолг период ЕУ беше/ сè уште е преокупирана сама со себе:
„Брегзит“
Излегувањето на Обединетото Кралство од ЕУ претставуваше тектонска промена во функционирањето на Унијата по однос на нејзината економија, буџет, регулирањето на односите ЕУ-Обединето Кралство пост-Брегзит, визниот режим, границата помеѓу Ирска и Северна Ирска и ред други настани кои бараа внимание. Следствено на тоа, самиот факт што една од најмоќните членки на ЕУ одлучи да ја напушти самата Унија, претставуваше голем удар врз сите поддржувачи на проширувањето кои останаа со аргумент помалку во ракавот, бидејќи земјите-кандидати би можеле дополнително да се демотивираат поради фактот што една влијателна земја членка не ја гледа повеќе својата иднина внатре во Унијата, а со тоа и ЕУ можеби изгуби на привлечност во очите на Балканските земји-аспиранти. Целиот процес околу спроведувањето на Брегзитот беше макотрпен, и вложувани беа многу напори да се постигне конечен договор помеѓу двете страни, што придонесе ЕУ да не може целосно да се фокусира на нашиот регион.
Замор од проширувањето
Како што одминува времето, така станува сè потешко за една земја кандидат да стане полноправна членка, а условите и критериумите стануваат построги. Самиот факт што Унијата брои 27 членки, а секоја држава има свои посебни интереси, укажува на тоа дека многу е тешко по одредени клучни прашања целата ЕУ да има унисон став без одредена земја членка да се противи. Нам тоа ни е познато изминатата деценија по однос на спорот со Грција кој беше кочница за македонските евроинтеграции од 2008г до 2018г, а сега имаме и уште еден конкретен пример со Бугарија која ги спори историјата и јазикот, иако тоа не се и не треба да бидат критериуми за членство во ЕУ. Бугарија се смета за најкорумпирана земја членка според избештајот на Transparency International, што ги прави земјите од ЕУ уште поскептични по однос на проширувањето бидејќи не би сакале да си дозволат во иднина да имаат нови членки кои не се потполно подготвени да бидат дел од Унијата, а да можат да го (зло)употребуваат правото на вето. Дополнително, забелешките кои ЕУ ги има кон свои повеќегодишни земји членки како Полска и Унгарија по однос на владеењето на правото и корупцијата, се аргумент плус на контото на скептиците кон проширувањето. Да не го заборавиме и блокирањето на буџетот на ЕУ од страна на истите две држави, што создаде дополнителни главоболки и фрустрации во Брисел.
Франција
Франција имаше доста забелешки по однос на самиот процес на преговарање помеѓу земјите-кандидати и ЕУ. По иницијатива на Франција, процесот со проширувањето беше кусо одложен, со цел да се овозможи промена на методологијата на преговарање. Процесот, според новата методологија, стана реверзибилен, што значи дека иако исполните одреден критериум, доколку за извесно време имате уназадување во имплементација на неопходните реформи, можете многу лесно да се вратите назад во преговарачкиот процес и повторно да преговарате поглавја кои веќе сте ги поминале. Оваа алатка овозможува да има еден т.н. позитивен притисок врз земјите-кандидати да продолжат со активно темпо да ги спроведуваат реформите, наместо да стагнираат.
Извор: mkd.mk
Дополнително на ова, германската Канцеларка Ангела Меркел заминува во политичка пензија оваа есен, па оттука се отвора можност за францускиот Претседател Емануел Макрон да наметне една своја визија за Европа и проширувањето, и тој да е фигурата која ги диктира темпото и динамиката на одвивање на работите, како нејзин потенцијален иден лидер/фронтмен.
КОВИД-19
Пандемијата која го зафати целиот свет, несомнено влијаеше на промена на приоритетите на секоја држава, така и на ЕУ. Во прв план исплива потребата од канализирање на сите неопходни ресурси кон поддршка за здравството, економијата и дигитализацијата. Целиот фокус беше насочен кон обезбедување на што е можно подобри услови во здравствените установи, изработка на вакцини и отпочнување на масовна имунизација во најкраток можен рок, зачувување на што е можно поголем број работни места, зачувување на мали, средни и големи бизниси, итни реформи во образовните системи итн. Просторот и шансите дека ЕУ можеше активно да се вклучи кон проширувањето на Западен Балкан беа намалени, но секако имаше доста обиди, посебно за време на германското претседателство во втората половина на 2020г.
Транзиција на власта во САД
Освен ЕУ, најголем поддржувач и промотор на евро-атлантската интеграција на регионот се Соединетите Американски Држави. Конкретно, во периодот ноември 2020 – јануари 2021 САД беа во т.н транзиција на власта по изборот на новиот Претседател Џо Бајден, а пополнувањето на позициите во американската администрација се одвиваше во периодот јануари – април оваа година. Во овој 5-месечен период не можеше да се очекува силен ангажман од страна на САД бидејќи сè уште не беше комплетно формиран тимот кој ќе се посвети на надворешната политика. Она што го гледаме од април годинава, е навистина засилен интензитет на поддршка и позитивни сигнали од страна на Вашингтон по однос на отпочнувањето на преговорите на Македонија со ЕУ. САД активно соработуваат со нашата држава и помагаат во борбата против корупцијата, организираниот криминал, поддршка во економијата – клучни сектори во преговорите со ЕУ.
Кога веќе ги знаеме причините за успорувањето на евроинтегративниот процес, треба да напоменеме и кои би биле штетните последици доколку истиот продолжи да биде успоруван, односно зошто е потребно во најкус можен рок да се откочат преговорите со ЕУ за Скопје и Тирана.
Дополнително демотивирање за Македонија и Албанија би значело и демотивирање за Приштина и Белград да продолжат да прават поинтензивни напори за решавање на спорот кој го имаат, а тоа би придонело до целосно губење на влијанието и легитимитетот на ЕУ на Балканот со што се отвора вакуум простор за влијание на трети сили кои имаат интереси спротивни на САД и ЕУ. Дополнително на тоа, губење на перспективата и наративот за полноправно членство во Унијата еден ден, би значело и можна дестабилизација на регионот врз база на етно-национализам, што го гледаме преку пласирање на разни нон-пејпери најверојатно произведени во кујните на трети фактори кои посакуваат дестабилизација на овие простори. САД беа кристално јасни дека регионот треба да биде стабилен, просперитетен, со јасна визија за членство во евро-атлантските структури и дека на Балканот треба да има позитивна клима и добрососедски односи, а не промена на граници.
Досега е изгубено доста време, а доколку се земе предвид процентот на граѓани кои сметаат дека државата ќе стане полноправна членка на Унијата во рок од пет години, ќе видиме дека оптимизмот драстично се намалува од година во година. Тоа е доволен показател дека сме во т.н цајтнот со евроинтеграциите, односно дека граѓаните не сакаат повеќе да чекаат, дека сакаат брзо отпочнување на преговорите и очекуваат брзи реформи кои ќе им донесат добробит. Предизвикот пред кој е исправена Македонија, а тоа е билатералниот спор со соседна Бугарија, наиде на остри критики од повеќе европски и светски лидери кои сметаат дека историските прашања не треба да бидат вметнати во преговарачката рамка бидејќи тие не се критериум за членство, односно треба да се решаваат билатерално.
Дополнително на тоа, во случај историјата да се подигне на пиедесталот како подеднакво битен критериум како и копенхашките критериуми, тоа многу веројатно би предизвикало домино ефект во преговарачкиот процес, конкретно за Балканските земји, каде секој од секого би барал историски отстапки и наметнување на својата верзија на историјата врз таа на друга земја. Регионот би влегол во непотребни и примитивни кавги наместо да се фокусира на реалните критериуми како: борба против корупција, испорачување правда, повисоки плати и економски стандард.
Реалноста е дека Софија има службена (привремена) влада која нема преголеми ингеренции и оттука не треба да се креваат премногу очекувањата, а имајќи ги предвид тесните резултати од изборите на 11 јули, поприлично извесно е дека Бугарија ќе има техничка влада барем до ноември, и дека евентуалното решение би требало да се бара по формирање на стабилна влада, можеби по некои трети парламентарни избори годинава. Позитивниот притисок од Вашингтон и европските центри за изнаоѓање решение се очекува да продолжи.
Каква ќе биде разврската, ќе дознаеме во следниот период.