„Се забележува напредок во социјалната инклузија и заштита. Сиромаштијата е сѐ уште сериозен проблем, но се очекува подобрување на состојбата со новиот Закон за социјална заштита кој овозможува гарантиран минимален приход за сите невработени“, се вели во извештајот на ЕУ во однос на напредокот на Република Северна Македонија во делот на труд и социјална политика.
Социјалната реформа предвидува унапредување на правата на лицата со попреченост и сите ранливи категории, што е во согласност со заклучоците на ЕУ според кои лицата со попреченост и Ромите се во најголем ризик од сиромаштија.
Во извештајот се поздравува и воведувањето на таканаречената социјална пензија, имплеметацијата на „Гаранцијата за млади“ и пилотирањето на услугата персонална асистенција, која во новиот Закон станува и загарантирано право. За „Гаранцијата за млади“ се вели дека е многу важен и позитивен чекор за намалување на младинската невработеност во земјата. Преку оваа мерка изминатата година се вработија 1.839 млади.
За оваа година МТСП издвои 300% повисок буџет за предучилишно образование. ЕУ ги истакнува инвестициите во нови градинки и високо квалитетни обуки за кадарот, како и системските мерки на министерството за поголема инклузија на децата Роми во градинките.
Во однос на регулирање на пазарот на трудот, во извештајот се нотира вклучувањето на сите засегнати страни во подготовка на новиот Закон за работни односи. Исто така, се спомнуваат измените на Законот за минимална плата, благодарение на кои околу 90.000 работници добиваат повисоки плати, откако се изедначи минималната плата за работниците во текстилната и кожарската индустрија со други гранки. Извештајот на ЕУ, исто така, забележува пад на невработеноста од 22.4% во 2017 на 20.7% во 2018 година. Согласно извештајот новиот Закон за превенција и заштита од дискриминација, кој беше донесен во март оваа година, ќе придонесе за изедначување на мажите и жените на пазарот на трудот и во поглед на социјалните политики. Со него сексуалната ориентација и родовиот идентитет се воведуваат како основи за дискриминација и се овозможува еднаква заштита за сите граѓани.
Понатаму, се зборува за усвоената Национална стратегија за деинституционализација 2018-2027. Се истакнува дека се преземени конкретни мерки за алтернативни форми на згрижување, а паралелно се развиваат и услуги во заедницата. Во Специјалниот завод Демир Капија повеќе нема деца на возраст до 18 години, а целосно се трансформирани и домовите „11 Октомври“ и „25 Мај“. Децата се сместени во мали групни домови во Скопје, Неготино, Тимјаник и Штип, а дел се вдомени кај згрижувачи. Бројот на деца сместени во институции е намален за 75%.
МТСП ќе продолжи со системски мерки за унапредување на квалитетот на живот на сите граѓани и следење на препораките од Европската Унија, особено во делот на унапредување на работничките права.