„Го поддржуваме заклучокот на Советот од 25 март 2020 за процесот на проширување и стабилизација и асоцијација“. Со оваа реченица во заедничката изјава на членовите на Европскиот Совет, шефовите на држави и влади на Европската унија доцна синоќа и формално и го отворија патот на Македонија кон полноправно членство во ЕУ. Европскиот совет вчера одржа телеконференциски состанок и ја прифати политичкат одлука за отворање пристапни преговори со Македонија и Албанија, што на иста таква конференција ја донесоа министрите за надворешни работи и европски прашања на седница на Советот за општи работи (ГАК) во вторникот.
Со оваа одлука, Европската комисија треба да подготви рамка за преговори со Македонија, а потоа и да биде одржан меѓувладиниот состанок со што ќе почне процесот.
Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи во вторникот најави дека ЕК многу брзо ќе ја подготви преговарачката рамка.
– Европска комисија ќе ја забрза работата и многу брзо ќе ја создаде преговарачката рамка за што побрзо да почнат преговорите за влез во ЕУ со Македонија и Албанија – рече Оливер Вархеи откако министрите за надворешни работи на ЕУ одобрија отворање на преговорите со двете земји.
Преговорите ќе се водат по новата, ревидирана методологија, во која поглавјата се групирани во кластери, засилена е политичката контрола на процесот, како и наградите и санкциите за спроведување или недостаток на реформи.
Премиерот Оливер Спасовски, пак, во вторникот го нагласи напредокот во реформите во четири клучни области.
– Владата по барање на Европскиот совет во јуни 2018 ги покрена сите механизми да го затвори реформскиот процес во четири главни области: Судство и владеење на правото, реформа на разузнавачките служби, реформи во јавната администрација и борба против криминалот и корупцијата. Постигнавме завидни резултати во сите овие области. Тоа беше секоја година верификувано во извештаите на Европската Комисија и со резолуциите на Европскиот Парламент. Од денес тоа го верификуваа едногласно и државите членки на ЕУ – подвлече Спасовски.