Европските зелени: Бугарија да го отвори патот за преговори со ЕУ

Сподели

 

На 34-от Совет на Европската зелена партија, што поради Ковид-19 пандемијата се одржа онлајн, се усвои Резолуција за поддршка за интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ. Во дефинирањето и усвојувањето на оваа Резолуција активно придонесе зелената партија ДОМ, која е полноправна членка на Европската зелена партија.

Во Резолуцијата, Европските зелени потенцираат дека важен приоритет на надворешната политика на ЕУ треба да биде интеграцијата, демократизацијата, стабилизацијата и помирувањето на земјите од Западен Балкан. Истакнуваат дека интеграцијата на сите држави од овој регион е историска одговорност и геополитичка стратешка потреба за да се обезбеди демократска и мирна иднина на европскиот континент.

Европските зелени инсистираат на забрзување на политиката на проширување на ЕУ и силно ја поддржуваат трансформацијата на земјите од Западен Балкан кон одржливи, демократски и граѓански општества во кои се почитуваат индивидуалните права и слободи, владеење на правото и борба против корупцијата, слободни медиуми и почитување на правата на малцинствата и се против било какви промени на границите, особено врз основа на етнички поделби.

Со оваа Резолуција, Европските зелени ја повикуваат Бугарија да го отвори патот за првата меѓувладина конференција и да ги решава спорните прашања со Северна Македонија билатерално, отстранувајќи го тоа како предуслов за започнување на пристапните преговори. Го повикуваат Европскиот совет да одржи меѓувладини конференции за директно отпочнување на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, најбрзо што е можно.

Исто така, со Резолуцијата се повикуваат земјите од Западен Балкан да ја подобрат соработката во борбата против организираниот криминал. Се апелира на поинтензивна соработка со Зелените, граѓанското општество и експертите, за  да се заштити природата и биодиверзитетот во регионот, итна замена на термоцентралите на јаглен со обновливи извори на енергија и поддршка на борбата против климатската криза и обезбедување зелена и праведна транзиција во регионот.