Европските зелени: ЕУ мора сега да ги исполни своите ветувања

Сподели

 

Пред состанокот на Европскиот Совет, пратеничката група на Зелените во Европскиот Парламент, го повикува Советот да ги отвори пристапните преговори на ЕУ со Северна Македонија и Албанија.

Рајнхард Бутикофер, европратеник од Зелените и член на Комисијата за надворешна политика во Европскиот Парламент, изјави: “Европскиот Совет мора да даде зелено светло за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија. Се доведува во прашање кредибилитетот на ЕУ, доколку одлуката за овие две држави повторно се одложи. Перспективата за членство во ЕУ за државите од Западен Балкан е од фундаментално значење за стабилноста на целиот регион. Северна Македонија и Албанија направија огромни напори да го следат реформскиот процес проектиран заедно со ЕУ. ЕУ мора сега да ги исполни своите ветувања. Понатамошното одлагање на обете одлуки го загрозува угледот на ЕУ во регион кој станува област за конкуренција со многу други актери”.

Виола вон Крамон, европратеничка од Зелените, член на Комисијата за надворешна политика и известувач во сенка на Инструментот за пред-пристапување III, коментира: “Северна Македонија стана модел за решавање на билатералните прашања со соседните држави на мирен начин. Постигнатиот договор со Грција, во Преспа, во јуни 2018, кој следеше по билатералниот договор со Бугарија, е значаен договор кој дава поттик за стабилноста на целиот регион. Покрај ова, Северна Македонија презеде длабоки реформи за поддршка и консолидирање на своите демократски институции. Отворањето на преговорите ќе ги зајакне сите оние кои се залагаат за дијалог и помирување и внатре и надвор од земјата. Со повторното изостанување на одлука за започнување на преговори, се засилува целото националистичко милје и во Северна Македонија и во Грција, кое се обидува да го стави под знак прашалник договорот од Преспа”.