Земјиштето кое порано се нарекуваше Парк на толеранцијата во населбата Карпош 3 е огласено за продажба. Станува збор за градежна парцела пред Специјалната болница за хируршки болести „Филип Втори“, со почетна цена од 1400 денари за метар квадратен. На оваа атрактивна локација со површина од 3773 метри квадратни е предвидено да се гради приватен здравствен објект, а идниот инвеститор ќе може дел од зградата со призејме и шест ката да ја адаптира за хотелски комплекс, мали комерцијални и деловни простории како и за спортски активности. Во текот на летните месеци ќе заврши целокупната постапка за продажбата на градежното земјиште.
Понудите од заинтересираните инвеститори треба да се достават најдоцна до 15 август, а продажбата ќе се изведе со електронско јавно наддавање закажано за 18 август. По отуѓувањето на локацијата, најповолниот понудувач ќе има девет месеци за да обезбеди одобрение за градење од општина Карпош, а објектот ќе треба да го изгради во рок од четири години по добивањето на градежната дозвола.