Министерот за здравство Венко Филипче соопшти дека нема нови случаи на заразени граѓани од корона вирусот (ковид-19) во нашата земја. Тој информираше дека двајца лекари од земјава кои биле на конгрес во Мадрид ќе бидат тестирани и ставени во изолација во период од 14 дена, бидејќи еден од предавачите на настанот веќе е потврдено од Светската здравствена организација дека бил заболен од корона вирусот.
– Тие пристигнале во земјата во саботата навечер, вчера не биле на работа и освен со семејствата, немале контакт со други луѓе. Според кажувањата, тие немале контакт со предавачот – изјави Филипче.
Во изминатиов период биле тестирани 13 лица за да се утврди дали биле заразени од корона вирусот, но ниту еден случај не е позитивен. Од Министерството за здравство информираат дека на граѓаните им стојат на располагање тестови за речиси 1.000 лица што можат да се употребат при идна појава на сомнителни случаи.
Филипче посочи дека заразената пациентка со корона вирус, која се лекува на Клиниката за инфективни болести, веќе закрепнува и трет ден нема температура. Нејзината состојба се стабилизира. За останатите лица кои се ставени во изолација, тој посочи дека карантинот се одвива без проблеми. Епидемиолозите се во редовен контакт и со луѓето што се наоѓаат во домашна изолација. Постојаниот полициски надзор функционира без проблеми.
Министерот за здравство на прес – конференцијата посочи дека актуелната состојба во нашата земја укажува за непостоење на потреба од продолжување на препораката за неодржување на јавни собири, која што беше донесена од владата минатата недела за периодот до 6 март.