Министерот за здравство, доц. д-р Венко Филипче на редовната прес-конференција информираше за актуелната состојба со коронавирусот во земјава и во светски рамки, како и за мерките кои се преземаат во насока на зајакнување на капацитетите за справување со вирусот, а со цел да се подобри пристапот кон здравствената заштита за граѓаните.
На светско ниво, бројката на заболени лица, во изминатите 12 дена се зголеми за 100 илјади и во моментот вкупниот број заболени во светот е близу 250 илјади лица.
Како резултат на порастот на заболени кај нас, Комисијата за заразни болести предложи да се обединат капацитетите на лабораторијата во Институтот за јавно здравје и лабораторијата на Клиниката „Жан Митрев“.
-Вкупниот број тестирања направени денеска во нашата земја изнесува 43, од кои три лица се позитивни, што значи дека вкупниот број дијагностицирани пациенти во нашата земја сега е 70 лица. Притоа, од трите новодијагностицирани, едната пациентка патувала во Србија. Вториот пациент е роднина на девојчето од Штип, којашто од вчера најавивме дека ќе биде тестирана, а третиот пациент е од Скопје. Во моментов дијагностицирани пациенти има во: Скопје, Дебар, Гостивар, Штип и Охрид, информираше министерот Филипче.
Тој посочи дека сите пациенти се со релативно стабилна клиничка слика, лесна до средна, додека пациентката, која е на респираторна машина е единствената која е на механички асистирана вентилација во нашата земја и таа од синоќа е во многу критична фаза. Се прават сите напори во однос на дополнителна поддршка и терапија за подобрување, но и натаму нејзината состојба е навистина покритична од тоа што беше во текот на изминатиот ден.
Во однос на останатите пациенти, министерот информираше дека нивната состојба е непроменета и дека во текот на вчерашниот ден и денеска е направена домашна визита кај пациентите, кои се на домашно лекување, и додаде дека има пациенти кои избираат да се лекуваат дома и да не бидат хоспитализирани, бидејќи нивната состојба тоа го дозволува.
Во однос на состојбата со респираторите, информираше дека нашата земја во моментот располага со 120 машини за дишење и дека согласно светската статистика – 5% од 1000 заболени се на респираторна машина, тоа значи на бројка од илјада пациенти, претпоставка е дека ќе има 50 пациенти кои се на респираторна машина, при што најави дека се прават напори за набавка на нови респираторни машини, но како што посочи, проблем е што машините во овој момент се запрени во Бразил, со одлука на нивната влада и во тек е интензивна комуникација со МНР и нашиот амбасадор во Бразил за што побрзо надминување на оваа состојба.
-Многу земји во светот го запреа извозот на респираторни машини чувајќи ги за своите пациенти. Се надевам дека ова ќе успееме да го направиме за краток период, но во исто време од денеска веќе имаме и друга добра информација, а тоа е дека и Кина веќе резервира 200 респираторни машини. Тоа го потврдија во текот на денешниот ден и треба да се формализираат актите пред тие да стигнат во нашата земја. Сакам да кажам дека и во овој момент располагаме со доволен број респираторни машини, посочи министерот Филипче.
Во однос на тестирањата, тој посочи дека до денес вкупно се направени 888 тестови и дека лабораторијата во Институтот за јавно здравје располага со дополнителни 1400 тестови. Исто така, е донесена одлука за избор на уште илјада теста, а најавена е и донација за дополнителни илјада, појаснувајќи дека илјада тестови ќе бидат на располагање секоја следна недела за нашиот институт и 300 во кое било време во лабораторијата во Клиниката Жан Митрев.
– Во насока на реорганизација и зголемување на достапноста за земање брисеви, на територијата на Скопје од понеделник ќе функционираат два пункта, во рамки на Здравствениот дом Скопје во поликлиниките Чаир и во Јане Сандански. Пациентите ќе закажуваат телефонски, преку системот МојТермин и со тоа значајно ќе се зголеми достапноста до оваа услуга, посочи министерот Филипче.
Тој посочи дека мерките кои носи Министерството за здравство се согласно препораките на СЗО, и согласно степенот на ширење на вирусот. Со оглед на тоа што има податоци дека многу често мерките не се почитуваат, тој информираше дека во текот на денешната седница на Влада ќе предложи заострување на одредени мерки, посебно во делови од државата каде е регистрирано непочитување.