Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на прес-конференција по повод шест месеци од Владата на ВМРО-ДПМНЕ, ја осуди стратегијата на владејачките партии за користење на етничките тензии како средство за одвлекување на вниманието од реалните проблеми со кои се соочуваат граѓаните.
„Покрај партизацијата, во изминатите шест месеци јавниот простор е затруен со етнички теми и наративи и поделби. Стратегијата на ДУИ за подигање етнички тензии СДСМ остро ја осудува. Оваа стратегија на ДУИ впрочем најмногу од сѐ му одговара на ВМРО-ДПМНЕ и нивните сателити во власта,“ истакна Филипче.
Според него, овој таканаречен конфликт меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ е само театар кој им служи на нивните политички агенди.
„Наводниот конфликт меѓу нив е всушност љубовната кавга која ни ја сервираат како перманентна дестабилизација. Оваа политика има само една цел, да ги оттргне граѓаните да мислат на реалните проблеми. Ќе им се полнат главите со омраза и поделби додека им се празнат џебовите од страна на власта. Ќе се отвораат стари рани и стари прашања за граѓаните да гледаат назад наместо да гледаме напред,“ рече Филипче.
СДСМ е уверена дека оваа стратегија на ширење поделби е осудена на неуспех.
„Но, оваа политика секогаш, порано или подоцна, е силно поразувана. Така ќе биде и овој пат, но се надевам дека многу порано граѓаните ќе го разберат тоа,“ додаде Филипче.
Претседателот на СДСМ ја отфрли пропагандата која се обидува да ја одржи во живот таканаречената мантра за „СДС-ДУИ“.
„Гледам Мицкоски и мегафоните упорно се обидуваат да ја одржат во живот пропагандната мантра СДС-ДУИ. Може слободно да ја прогласат за пропадната,“ заврши Филипче.
СДСМ останува цврсто посветена на тоа да ги врати реалните теми во центарот на политичката сцена, а не да дозволи поделбите и тензичните теми да го диктираат јавниот дискурс.