Филипче: После 70 години за првпат е реновиран Здравствениот дом д-р Хаим Абраванел

Сподели

За првпат после 70 години се реализираше комплетна обнова на внатрешните простории во ЗД д-р Хаим Абраванел во Битола. Овој проект опфаќа комплетна обнова на внатрешните простории, ходниците, работните простории, педијатриската служба, вакциналните пунктови, превентивната служба, превентивната стоматологија и делот кадешто се чуваат вакцините од редовниот календар.

 

 

По овој повод денеска министерот за здравство д-р Венко Филипче го посети Здравствениот дом во Битола каде оствари средба со директорката д-р Весна Спиркоска и целокупниот медицински персонал и градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска. Во изјавата за медиуми тој најави и дополнително унапредување на услугите кои овој Здравствен дом им ги нуди на граѓаните. Наскоро преку таа донација за Здравствениот дом во Битола ќе стигне ново амбулантно возило.

-Во овој Здравствен дом не е направена никаква инвестиција од 50тите години. Оваа установа опфаќа голем број на граѓани – пациенти на кои им пружа здравствена услуга. Целокупниот процес на реновирање ќе се финализира со замена на кровот во периодот којшто следува и помошта која се очекува да пристигне од делегацијата на ЕУ со што ќе се обезбеди ново амбулантно возило за потребите на жителите во Битолскиот регион. Честитки до директорката и целокупниот здравствен персонал кои покажаа дека може да се справат со менаџирањето на ковид кризата, но и целокупниот процес на вакцинирање во салата за масовна имунизација во Битола. – изјави министерот Филипче.

 

 

Во период од 2019 и 2020 година беше реновиран целокупниот Здравствен дом со ходниците, влезот и скалите. Во целост беше реновирана детската превентивна стоматологија и служба за здравствена заштита од 7 до 18 години. Службата за здравствена заштита на деца од 0 до 7 години, а беше набавена и нова опрема од три хематолошки бројачи, стрес тест трака, подоскоп, хелио ламби за стоматологија и два фрижидери за вакцини.

 

 

Пред две години, целосно беше реновирана службата на Итната медицинска помош, а финализирање на целокупниот процес на обнова ќе се заокружи со замена на кровот на установата.