Денеска се одржа првата од серијата стручни дебати за нацрт измените и дополнувањата на Законот за Судскиот совет подготвени од страна на работната група формирана од Министерството за правда. Настанот е организиран во соработка и со поддршка од проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“.
Ова е само еден од неколкуте настани за консултирање на стручната јавност кои Министерството за правда планира да ги организира со цел да се обезбеди транспарентен и инклузивен процес кој ќе придонесе кон унапредување на законската рамка која го уредува работењето на Судскиот совет.
Министерот за правда Игор Филков во своето обраќање пред присутните, рече дека Судскиот совет мора да функционира единствено во служба на правдата и ова тело треба да биде реформирано и да работи со најголем интегритет, фокусирајќи се на професионалноста и строгото почитување на владеењето на правото.
,,Очигледно, досега функционалноста на Судскиот совет беше доведена во прашање во неколку наврати. Започнуваме отворен и транспарентен процес со присуство на експертската јавност, меѓународните организации, како и дел од невладините организации за изнаоѓање најквалитетни можни решенија за функционален пред се независен Судски совет ослободен од какви било политички влијанија,” изјави министерот за правда Игор Филков.
Заклучоците и препораките од тркалезната маса ќе бидат основа за понатамошно подобрување на текстот на измените и дополнувањата на Законот за судски совет. Дискусиите ќе бидат сеопфатни, ќе ги вклучат сите релевантни фактори и ќе имаат за цел да создадат решенија кои ќе ја загарантираат независноста на овие институции.
Се очекува планираните четири дебати да завршат до крајот на декември, по што ќе се излезе со конкретно решение.