Познатиот режисер, Луис Буњуел во својата книга мемоари „Мојот последен здив“, во која зборува за својот живот и за своето богато творештво, на почетокот раскажува за значењето на меморијата и за помнењето на она што се случило. Тој вели дека губењето на меморијата е почеток на нашето целосно исчезнување, зашто помнењето го сочинува целиот наш живот. Со тага тој ја споменува и мајка си која во староста секојдневно читала со голем интерес, внимание и љубопитство еден те ист весник. Буњуел пишува дека помнењето е наша поврзаност, наш разум, наше дело, наша свест и дека без него ние сме ништо.
Ова го споменувам зашто книгата филмски критики „Македонска сага“ на Сунчица Уневска е книга која претставува вреден документ, трага и меморија на едно време, на еден период од македонската кинематографија. Оваа книга ќе остане трајно сведоштво за творештвото на филмаџиите во изминативе триесеттина години.
Кога пред речиси четири години Сунчица Уневска ја објави својата прва книга со филмски критики, наречена „Седмиот печат“ според култниот филм на Бергман, напишав текст насловен „Раскази за филмовите“. И навистина нејзините критички осврти наликуваат на раскази за филмовите кои таа ги доживеала на нејзин својствен начин, кој допира и до самата филозофија на живеењето. Сунчица Уневска необично се издига над филмовите опишувајќи ги како несекојдневно доживување пронаоѓајќи ја нивната уметничка вредност и смисла. Таа често пати знае да продре многу длабоко во суштината на филмовите и да се запраша: дали е подобро да се плива со брановите или да се оди спроти нив, дали вреди да се ризикува и да се отвораат нови врати без можност за враќање назад. Очигледно предизвиците се секогаш исправени пред нас, со надеж дека со нив лесно ќе се справиме, но не и со оние искушенија што ги носи нерасчистеното минато, кое создава сенки, кои, пак, никогаш не исчезнуваат и со кои тешко се справуваме. Тогаш болката може да не следи во натамошниот живот, но таа може и да преовладее и со времето во кое некогаш сме биле среќни. Има ли нешто полошо од тоа? – се прашува авторката.
Можеби затоа овој текст за нејзината нова книга го насловив – „Филмовите трагаат по вистината“, зашто сметам дека секој филм е своевидна потрага по некаква си вистина. Тоа е случај и со овие 45 филмови за кои пишува Сунчица Уневска во „Македонска сага“.
Филмовите знаат да бидат дел од историјата и извор на вистината. Тие се културно-историска меморија, врз чија основа се гради љубопитството и интересот за минатото, што постојано го обзема човештвото. Современиот свет често си поставува прашања за случувањата околу нас, за чувствата во нас, за појавите и светот околу секој од нас, за разно-разни причини и последици од нашето секојдневие. А сознанијата за тоа воопшто не би биле возможни доколку не би постоела и филмската уметност, со чија помош може да се разбере културата и дострелите на оваа уметност на било која држава и нација.
Филмовите на своевиден начин ја имаат моќта да ги објаснат сите овие случувања и да ги анализираат вечните теми поврзани со љубовта, омразата, надежта и смислата на нашето постоење.
Оваа книга на Сунчица има големи можности за создавање целосна слика за развојот на филмската уметност од нашето осамостојување до денес. Нејзиноито остро око и остро перо ни ги предочува вредностите, но и слабите точки на одредени филмови, кај кои таа постојано бара вистинска поента и вистинска смисла, бара оригиналност и уметничка вештина, како и причина за реализирање на филмовите, во кои гледачот добива можност да биде вовлечен и вистински да ја доживее приказната. Сунчица, ми се чини, филмот го разбира и како судар на очекувања и стравувања, на љубов и параноја, на надежи, сомневања и разочарувања, кои, кога ќе се спојат и ќе излезат на површина би биле ерупција, вулканска лава, која создава добра основа за солиден филм.
Во еден свој текст Сунчица ќе нагласи: „Кажаното не е доволно, ниту, пак, напишаното. Големите човечки приказни мора да го носат човекот во себе со сите свои доблести и мани, со сите свои стравови, порази и очекувања, со целата страст и борба, со милјето на кое му припаѓаат. За да ја доживеете човечката приказна, таа мора да живее на платното, па и надвор од него, инаку останува некаде во некој меѓупростор, каде што веднаш ќе ја заборавите.“ Филмовите треба да ја доловат автентичноста на животот, идејата, чувствата, судбините, страдањата, а сето тоа да допре до нас на вистински начин – живо, едноставно, искрено, суштински. Филмот, како, впрочем и животот, треба да биде оригинален и истовремено непредвидлив, да не биде имитација, зашто тоа никогаш не може да ја дофати потребната вистина и вистинитост.
Александар Солженицин во својот нобеловски говор напишал: „Еден збор на вистината може да го помести целиот свет“. А таа вистина треба да ја има во секое уметничко дело, во секој филм. Но, потрагата по вистината воопшто не е едноставна и таа како никогаш да не завршува. Очекувам и посакувам секој да ја бара вистината онаму каде што таа само чека да биде откриена – во филмовите, во текстовите на Сунчица, во кои речиси секогаш може да го пронајдеме и да го потврдиме нашиот интерес за уметноста, нашиот копнеж за оптимизам, желбата да се пронајде сопствениот мир, како и да се потенцира вечното прашање за значењето и смислата на нашето опстојување во современиот свет.
На крајот повторно би го цитирал Буњуел, кој во споменатата книга „Мојот последен здив“ се прашува: „Кога би ми рекле дека ми остануваат уште 20 години живот и би ме прашале што би правел во текот на 24 часа од секој ден што ми преостанува, би рекол – дајте ми два часа активен живот и 22 часа соништа, под услов да можам да се сетам на нив, зашто сонот единствено постои во сеќавањето“.
Уште еднаш и честитам на Сунчица Уневска за одличното дело – „Македонска сага“, кое се надевам ќе остави значајна трага за македонското филмско творештво.
Емил Крстески