ФИТР и Рош Македонија со нов хакатон за иновативни решенија во е-здравство

Сподели

 

 

Фонд за иновации и технолошки развој објави повик за учество на првиот хакатон „Е-Здравство“ на кој ќе се бараат креативни решенија за подобрување на здравјето на граѓаните. Проектот се реализира во рамките на Програмата за корпоративна иновативност на ФИТР, во соработка со вториот корпоративен партнер Рош Македонија и Министерството за здравство.

На хакатонот „Е-решенија за подобро здравје со ФИТР и Рош“ ќе се бараат иновативни мобилни апликации или веб-сајт за подобро управување со здравствениот систем, превенција, подобро менаџирање на високоризични групи на пациенти и намалување на ризикот од малигни заболувања. Избраните решенија ќе бидат целосно и бесплатно достапни до сите граѓани на Република Северна Македонија, најмалку во рок од една година по завршувањето на проектот.

 

 

„Преку Програмата за корпоративна иновативност ги поттикнавме најуспешните и затоа сум горд што една од најголемите фармацевтски компании на глобално ниво, Рош Македонија е нашиот втор корпоративен партнер. Според истражувањето кое го спроведовме за стартап екосистемот во нашата земја, во последните неколку години здравството е индустрија која бележи голем подем, односно се повеќе расте бројот на иновативни решенија. Тоа е една од причините поради која ФИТР продолжува преку своите програми да ги стимулира стартап компаниите од оваа гранка. Верувам дека на хакатонот ќе добиеме креативни решенија со кои полесно ќе ги надминеме последиците од пандемијата и ќе придонесеме кон зачувување на здравјето, особено кај женската популација. Во оваа прилика, ги повикувам и другите компании да се вклучат во Програмата за корпоративна иновативност и заеднички да придонесеме кон забрзана дигитализација во сите индустрии и доближување на нашата земја до позиционирање како регионален стартап хаб” изјави Коста Петров, директор на Фонд за иновации и технолошки развој.

Вкупниот буџет изнесува 30 илјади евра, колку што е и максималниот износ за финансирање на поединечен предлог проект. ФИТР обезбедува 49% од средствата, додека останатите 51%  се од Рош Македонија.

За Рош Македонија само со вакви партнерства може да се направи промена кон подобро во свет што постојано се менува. „Соработката помеѓу фармацевтската индустрија и технолошките компании се круцијален двигател за иднината на здравствениот систем. Живееме во ера на персонализирана медицина, каде наместо да има една терапија за сите сега има ефикасни терапии таргетирани за одредена група на пациенти. Во овој процес дигиталните технологии стануваат придружна алатка во третманот и следењето на пациентите бидејќи се интегрираат податоци од многу извори, податоци од здравствените работници и самите пациенти за да се создаваат персонализрани и поефикасни одлуки за третманот на пациентите“, изјави Александра Ивановска директор на Рош Македонија.

 

 

На повикот на ФИТР можат да аплицираат трговски друштва или тимови кои се состојат од најмалку две и најмногу пет физички лица. За остварување најдобри резултати во текот на хакатонот, препорачливо е секој пријавен тим да има барем еден инженер од областа на информатичките технологиии (програмер), лице од областа на природните или медицинските науки, дизајнер и лице со искуство во водење бизнис.

Врз база на доставените предлог-концепти, Комисијата за оценување и избор ќе направи претселекција на  учесниците на хакатонот. Претселектираните учесници (предлог-концепти) од 25 до 27 јуни, 2021 година ќе бидат дел од 48-часовен онлајн хакатон, на кој со стручна поддршка од ФИТР, Рош Македонија, и Управата за електронско здравство, ќе изработат прототип или демо верзија на решението. По завршувањето на хакатонот, тимовите ќе ги презентираат своите решенија пред Комисијата, по што следува финална селекција и избор на победникот (победниците).

Наградените правни субјекти ќе имаат обврска со доделените средства во рок од 60 дена од денот на потпишување на договор со ФИТР да изработат и лансираат работна верзија на решението.

Рокот за аплицирање е до 17.06.2021 до 14.00 часот. Хакатонот ќе се одржи онлајн од 25-27 јуни 2021 година.

Сите заинтересирани, можат да добијат дополнителни информации на:  https://fitr.mk/hakatonzdravstvo/