Гевгелискиот градоначалник Иван Франгов смета дека проблемот со арсенот е политички монтиран случај од невладината организација „Арсена“, која „зела пари од Сорос за да го урне угледот на Општина Гевгелија“, јавува „Телма“.
Франгов смета дека лабораторијата во Солун што ги правела проверките, користела нестандардизирани методи при проверка на арсенот и дека резултатите се спротивни од тие што на почетокот на годината ги издал Институтот за јавно здравје.
Од „Арсена“ реагираат на денешната изјава на градоначалникот Франгов.
– Која лабораторија е релевантна за него за да ги прифати резултатите од испитувањето? Резултатот од лабораторијата во Солун подлежат на европските стандарди и регулативи. Испитувањата на Институтот за јавно здравје во континуитет констатираат недозволиво количество на арсен. Навистина не знаеме зошто на градоначалникот му се виновни граѓанските организации кои бараат квалитетна вода, наместо да се насочи кон решавање на проблемот – реагираат од „Арсена“.
Анализата на примерок од водата за пиење од гевгелискиот водовод, земен на 16 јуни годинава, покажала присуство на енормно количество на арсен во водата, штетно за здравјето на човекот, информираат од граѓанската иницијатива „Арсена“.
Анализата што ја извршила меѓународна лабораторија, како што додаваат од „Арсена“, покрај арсен, покажала и присуство на тешкиот метал ванадиум во водата од гевгелискиот водовод.
„Само пред еден месец концентрацијата на арсен беше 21,3 микрограми на еден литар вода, а сега е 19,7 микрограми, што е и понатаму за 97 отсто повисоко од здравствено пропишаните норми за употреба на водата од страна на човекот. По одбивањето на Институтот за јавно здравје на Република Македонија да прави анализи на водата во Гевгелија со образложение дека знаеле за проблемот и дека сите институции биле известени, откако увидовме дека речиси четири години не се презема ништо за заштита на граѓаните, со анализите од меѓународни лаборатории го потврдуваме постоењето на проблемот со арсенот во водата и неговото континуирано присуство и изложеност на граѓаните на еден од најотровните елементи на земјата – арсенот. Ванадиумот е нешто сосема ново за нас“, велат од граѓанската иницијатива „Арсена“.