ФСП: Бараме одговорност од Никола Груевски и врхушката за сите пазарења на сметка на Македонските национални интереси

Сподели

„Ние, членовите на Форумот на слободоумни патриоти најжестоко реагираме против т.н основачи на ВМРО ДПМНЕ кои деновиве се појавија во јавност со т.н Манифест. Се би било во ред, ако вистината не е поинаква, а таа е дека меѓу основачите е токму Владимир Змејковски, претседателот на Форумот на слободоумни патриоти, во чиј дом е, всушност, формирана Партијата ВМРО ДПМНЕ. Истите тие кои сега излегуваат со некаков си Манифест, се кријат зад Партијата и зад актуелното раководство, без никаков идентитет, а за да биде иронијата поголема тие, истите бараат од сопствената Партија остварување на некои барања кои актуелното раководство можеше да ги реши уште на почетокот од владеењето на ВМРО ДПМНЕ.

Бараат територијално разграничување, а со прст не мрднаа да го решат тој проблем иако ветија, настава на македонски јазик уште од прво одделение за другите етнички заедници, а воведоа, божем, факултативно изучување на албанскиот јазик уште во градинките, бараат примена на македонскиoт јазик на целата територија на Р.Македонија, а Скопје и целиот западен дел од Македонија го албанизираа, бараат поднесување на кривична постапка против Заев за велепредавство, а не се ни свесни дека и лидерот на ВМРО ДПМНЕ треба да одговара за истото (не)дело, плус и амнестијата на злосторствата врз Македонски граѓани од 2001 година, како најголем грев, бараат попис, а самите тие го прекинаа од, само за нив познати причини, бараат знамињата да се веат на цела територија на Македонија, а, пак, иронично, истите тие со Албанците го славеа албанското знаме. Бараат ревизија на државјанствата од 1991, а дозволија министри терористи да им бидат во Владата, бараат санкционирање на високи функционери од ДУИ за пречекорување на овластувањата, а истите „основачи“ ги премолчуваа нивните меѓусебни тендер-зделки, бараат членство во НАТО и ЕУ, а намигаат кон Русија и конечно, веруваат во актуелното партиско раководство, оти само тие ги заштитувале македонските национални интереси, а не се свесни дека, впрочем, тоа исто раководство со години и во континуитет го правеше токму спротивното.

Ги повикуваме т.н. основачи најпрво да прекинат да се китат со туѓи перја, во актот за основање на ВМРО ДПМНЕ ги нема имињата на поголемиот дел од нив. Исто така ги повикуваме да побараат одговорност од Никола Груевски и врхушката за сите пазарења на сметка на Македонските национални интереси од страна на Никола Груевски признати во неодамнешните негови “интервјуа“, се вели во соопштението на ФСП.