Фуере: Разочарувачки е што сегашната Влада ги повторува ужасните грешки на претходната за администрацијата

Сподели

Морам да кажам дека е разочарувачки да се види дека во случаи како реформата на јавната администрација, сегашната Влада се чини дека ги повторува ужасните грешки на претходната влада, вели поранешниот амбасадор на ЕУ во Македонија, Ерван Фуере во интервју за МИА.

– Сегашната влада започна со голема порака на промена и промоција на инклузивен систем на владеење кој нема да ја повтори партизацијата на политиката поради која падна режимот на Груевски, заробувањето на државата, така што мислам дека сегашната Влада треба да биде внимателна да го задржи фокусот на реформите. Ова се реформи кои ќе направат разлика за општеството пошироко. Разочарувачки беше да се види дека за да се добијат гласовите за ратификација на Преспанскиот договор, дека имало наводни договори за амнестија, ако е тоа вистина тоа го поткопува владеењето на правото и кампањата која го мобилизираше граѓанското општество за промена : нема мир без правда. Владата треба да биде внимателна да го сочува тоа. Важно е исто така да има промена на менталитетот, нема реална промена на менталитетите, истите стари политики фокусирани на партијата уште важат. Рeформите треба да направат вистинска разлика – вели Фуере.

На прашањето што требаше Владата различно да направи според вас во целиот тој процес, тој вели дека е јасно е дека премиерот направи сѐ што можеше во тој процес, и тоа е уште една трагедија, што опозицијата не се реформираше воопшто, уште се истата партија како Груевски да им е лидер, нема промена во тактика, во однесувањето, само за партиска политика се работи, а не за интересот на државата.

– Немањето конструктивна опозиција ги прави работите потешки за инклузивно владеење. Но, истовремено, мислам дека е многу важно, како што напишав, дека ако цената што треба да се плати се договори кои го поткопуваат владеењето на правото, тогаш дали таа цена е добрата цена? Треба да се постави ова прашање. Ако крајниот резултат е дека ќе има правда, и дека сите оние кои се инволвирани во насилството од 27 април и кои се инволвирани во злоупотребата на власта, корупцијата, и сите тие случаи на СЈО добијат завршница, тоа е многу важно. Многу сум разочаран од одлуката на Врховниот Суд кој ја доведува во прашање улогата на СЈО. Бидејќи тоа што Катица Јанева го направи до сега навистина покажа дека мир без правда не е празен слоган, туку вистински обид да се гарантира дека тоа што се случи за време на режимот на Груевски нема никогаш повеќе да се повтори. Суштински е таа да може да продолжи да работи -вели Фуере.