Чествувањата по повод јубилејот 1000 години од формирањето на Охридската архиепископија продолжија денеска со Света архиерејска литургија одржана во катедралната црква „Света Софија“ во Охрид. Со литургијата која чиноначалствуваше поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение на митрополитите од Синодот на МПЦ.
Архиепископот Стефан во обраќањето пред верниците рече дека Христијанската црква е собрание на тие што се повикани од Христа, на сите кои веруваат во него и живеат со него, дека таа е царство во кое тој ги воведува тие кои ги избра за свои деца и оние кои го избраа Него за свој Спасител.
– Црквата е една и единствена, како што и самиот Христос е еден, единствен и неделив. За Црквата важи истото што важи и за телото Христово на литургијата, а тоа најдобро е изразено во литургиските зборови: се разделува Агнецот Божји, кој се разделува и не се поделува, кој постојано е јаден и не се потрошува. Значи, Црквата е и останува една и единствена – едното и единствено тело Христово, и покрај постоењето на различните помесни јурисдикции, рече меѓу другото г.г. Стефан.
Притоа поглаварот на МПЦ забележа дека единството не се однесува само на видливата, туку и на невидливата Црква, поделба која во суштина е условна, оти црковната единственост и вистинитост се апсолутно безусловни, зашто сите членови на Црквата подеднакво го сочинуваат телото Христово, соединети во едната Црква – во едната Божја благодат, која се пројавува и исполнува во времето, без да го измени своето суштествено единство и својот внатрешен, благодатен живот.
– Токму од потребата за остварување на ова единство, постои административната поделеност на Црквата во помесни Цркви. Тие не се организации, независни една од друга, туку тоа е начинот на кој живее едното и неделиво тело Христово. Затоа треба да гледаме на суштината која нè соединува, а не на јурисдикциските формалности кои самите ги претвораме во причини за поделби, истакна г.г. Стефан.
За Охридската архиепископија тој нагласи дека таа е една од древните помесни Цркви, чие 1000- годишно постоење немало и нема друга цел, освен единството на човекот со Бога.
– Токму поради тоа таа е и обновена во лицето на Македонската православна црква. Нејзиното постоење не само што не претставува закана за постоењето на другите помесни Цркви, туку служи за усовршување на светиите и за изградување на Христовото тело. Таа тоа го покажала со своето пастирско дејствување помеѓу поверениот ѝ народ, но и преку активното учество во борбите за зачувување на чистотата на православната вера. Не се сведувало постоењето на Охридската архиепископија, како што ни денес не постои во лицето на Македонската православна црква, едноставно за да биде нечија, да припаѓа, а со припаѓањето на едни – да им биде одземена на други. Постои за да биде дел од едната, света, соборна и апостолска Црква, за верниот народ да го приведе кон тивкото пристаниште – кон Христа, рече г.г. Стефан.
Поглаварот на МПЦ на целиот православен македонски народ, на свештенослужителите и монаштвото во земјата и низ целиот свет им го честиташе милениумскиот јубилеј, нагласувајќи дека тоа е пригода на која со воодушевување и исполнетост треба да се возвеселиме – зашто одбележуваме 1000 години сопствена духовна историја.
– Ретко кој народ може да се пофали со вакво богатство – со богатство за вечноста, кое ни молец го јаде, ни р’ѓа го нагризува. Тоа се нашето славно минато и делата за кои треба да Му благодариме на Бога, на кои треба да бидеме горди, и како народ и како Црква, истакна Архипепископот охридски и македонски г.г. Стефан.
Инаку, централната манифестација по повод значајниот јубилеј се одржа синоќа во катедралната црква „Света Софија“ во Охрид, со Свечена академија на која присуствуваа членовите на Светиот синод на МПЦ-ОА предводени од архиепископот г.г. Стефан, како и претседателот на РМ Ѓорѓе Иванов и претседателот на Владата Зоран Заев.