ГАЛИЧКА СВАДБА 2016

Сподели

MDgalickasvadba2016manifestacii

Галичник,  16 Јули, 18:00ч

Галичката свадба e манифестација која се одржува секоја година околу празникот Петровден (12 јули) во мијачкиот центар Галичник на планината Бистра. Богата е со многу единствени свадбарски обичаи и ритуали. Во деновите на свадбата, пиштат зурлите и ечат тапаните на тешкото, со сиот подземен и надземен екот кон каменот на Бистра и небесниот свод. Тие придружници на печалбарите на овој крај на Македонија, секогаш ја најавуваат Галичката свадба која е со најмногу сватови. Галичката Свадба во своето опстојување придонела да се негуваат единствените свадбарски обичаи и ритуали, на жителите од овој крај, да се сочувааат изворните песни, ора, и надалеку познатата галичка носија-изработена со филигранска прецизност и точност на терзиите. Секоја година посебна комисија избира двајца млади кои ќе се венчаат на Галичката свадба. Еден од предусловите е барем еден од младите да потекнува од Галично семејство.

Секоја година за време на Галичката свадба, се почитуваат голем број на обичаи кои ја карактеризираат оваа свадба: чукањето на тапаните, свекрвино оро, носењето на невестата на вода, поставувањето на свадбарскиот бајрак, канењето на мртвите, бричењето на зетот, земањето на невестата, замесувањето на лебот, венчавањето во црквата „Св. Петар и Павле”, и други обичаи, кои полека изумираат но кои во себе содржат и кријат многу детали од животот на Галичанецот во минатото. Во Галичник сега живеат само двајца жители, но на Петровден доаѓаат илјадници посетители и туристи кои доаѓаат да ја гледаат оваа Галичка свадба.