Јован Филипоски, потомок на старото галичко семејство Филипоски, и Лилјана Михајлоска се годинашните младоженци кои традиционално ќе ја крунисаат својата љубов на „Галичка свадба“.
Од 11 до 13 јули живописниот Галичник повторно ќе заживее со звукот на зурлите, тапаните и традицијата, една од најавтентичните и најпрепознатливи културни манифестации во земјава. Овој уникатен настан повторно ќе го привлече вниманието на домашните и на странските посетители кои сакаат да ја доживеат автентичната свадбарска приказна од мијачкиот крај.
И оваа година покровител на манифестацијата е претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, со поддршка и од Министерството за култура и туризам, со што се потврдува значењето на „Галичка свадба“ како национално културно богатство кое заслужува институционална поддршка и меѓународна афирмација.
