ГАНГСТЕРСКА ОКУПАЦИЈА НА ПАРЛАМЕНТОТ! – Георги АЈАНОВСКИ

Сподели

 

Дека криминалниот режим на Груевски и неговиот ортак Иванов е решен по цена на грубо кршење на уставот и партиско заробување на државата да загосподари со целокупните општествени текови, стана јасно уште на 24. декември 2012 година, кога опозицијата и новинарите беа буквално исклоцани од собраниската сала. Тогаш, да потсетиме, меѓународната заедница реагираше со блага и мека осуда на торпедирањето на демократијата, охрабрувајќи ја на тој начин власта да продолжи се’ подлабоко да се вкопува во рововите на самоволијата и тиранијата.

Резултатот на таквата толерантна политика го видовме пет години подоцна, во вечерните часови а 27.април со гангстерска окупација на парламентот, каде што разулавени типови маскирани во некакви граѓански протести кршеа глави и носеви, кубеа коси, влечеа и газеа опозициски пратеници во нивниот обид, како изборни победници да остварат уставно право и обврска да формираат нова влада. Беа тоа потресни глетки на најбрутална пресметка со демократската слобода, какви што цивилизираниот свет не памети уште од времето на нацизмот. Дебеловратни убијци со прасечки лик, облечени во црни наметки, накитени со дрвени крстови и метални прачки, пред телевизиските камери дивјачки докажуваа дека силата на законот го преземаат во свои раце и дека политичкиот бес и омраза што зрачи од нивните одѕверени погледи ќе ја одредува иднината на оваа земја.

Што после ова треба да и’ се случи на Македонија, за да се сфати длабината на тоталната криза во која што се наоѓа и во која што и понатаму продолжува да тоне? Кое е дното што треба да се допре па да се појави надеж дека таа ќе биде надмината? Со граѓанска војна? Со меѓуетнички судири? Или пак со прогласување воена состојба каква што е зацртана во главите на бившиот премиер и сегашниот шеф на државата, главни протагонисти и сценаристи на ова политичко лудило? На оние што до вчера го повикуваа и с’скаа народот на бунт и меѓусебен колеж, а кога скриени во своите партиски бункери оценија дека играњето со оган и оружје може да го платат и со сопствените животи, лицемерно повикаа на воздржаност и ненасилност, уверени дека пожарот што го подметнаа е достатен за да издејствуваат учество на преговарачка маса и одржување на нови избори. И сето тоа како последна шанса да куртулат од кривичните прогони што се водат против нив, како за извршени криминали, така и за политички злоупотреби и кршење на законите.

За среќа, овој пат реакцијата на меѓународната заедница беше брза и категорична: осуда на насилството, повик за смирување на страстите и што е најбитно поддршка на парламентарното мнозинство да формира влада со избор на Талат Џафери за собраниски спикер. А тоа значи барање за мирен трансфер на власта иако е наполно јасно дека режимот на Груевски ќе се обиде со нови насилства тоа да го спречи.

Оттука, настаните во македонскиот парламент од пред пет години и овие од завчера, ќе останат забележани како врв на подемот и падот на една самоволна власт која што својата моќ и сила ја црпеше врз измами криминал и политички злоупотреби, одземајќи и на македонската држава една деценија демократски развој и граѓански прогрес.