Герасимовски: Фотонапонски централи во сите основни училишта во Центар

Сподели

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски во интервјуто за Капитал вели дека сака четиригодишниот мандат да го заокружи со реконструкција на спортската сала „Работнички“ во градскиот парк.

„Би сакал мандатот да го заокружам со реконструкција на спортската сала „Работнички“ во градскиот парк. И салата и клубот се белег на градот и Македонија. Мал, но многу важен и емотивен дел во она што значи колективно сеќавање на секој македонски граѓанин. Уверен сум дека ќе успеам во тоа. Од големите проекти кои се во почетна фаза ќе ја издвојам новата општинска зграда, за која распишавме конкурс за идејно решение, но и хортикултурното и партерно уредување во населба Капиштец, проект за кој од претходната влада добивме буџетска поддршка од 25 милиони денари“, потенцираше Герасимовски.

Герасимовски информираше дека Општина Центар е пионер во еколошка трансформација на локално ниво.

„Првиот фотоволтаичен систем го поставивме на покривот на градинката „Корчагин“. Само една споредба, и ќе ви стане јасно за што зборувам. Во таа градинка претходно имавме сметки од околу 50.000 денари на месечно ниво, сега тој трошок е намален за дури 50 проценти. Планот е да поставиме фотонапонски централи во сите осум основни училишта во Центар. Врз кровната конструкција во ООУ „Киро Глигоров“ веќе поставивме 720 панели со максимална инсталирана моќност од 396,00 KWP за производство на електрична енергија. Според планираната динамика, следни се ООУ „11 Октомври” и ООУ „Кочо Рацин“. Има тука уште многу работа и многу борба, но вреди, не само поради нас туку и поради идните генерации“, рече Герасимовски.