Герасимовски: ЈП за производство и продажба на струја ќе донесе заштеда во буџетот за нови и развојни проекти

Сподели

 

Општина Центар ќе биде првата општина која формира сопствено Јавно претпријатие за производство и продажба на електрична енергија. Градоначалникот Горан Герасимовски во вчерашното гостување во емисијата „200“ на Алсат Телевизија зборуваше за мотивот, постапките и веќе започнатите процедури за реализацијата на овој иновативен проект. Идејата за неговото формирање е енормното зголемување на струјата и потребите за заштеда на средства од општинскиот буџет.

„Првично правиме евалуација за капацитетите на општината односно јавните објекти како училиштата, градинките и паркинзите каде првично се планира да бидат поставени фотоволтаичните централи, колкав ќе биде трошокот за формирање на претпријатието и секако колкав ќе биде бенефитот. Нашата цел е првично истите да бидат поставени со цел да обезбедат заштеда на буџетот, а потоа секако и вишокот на електрична енергија да се продава на отворениот пазар. Притоа заштедените средства ќе ги пренасочиме кон проекти како нови фасади на училиштата, стипендии, улично осветлување, нови проекти за повозрасните, поголемо зеленило, подобро уредени паркови и игралишта, поголеми инфраструктурни зафати во општината и друго“, изјави Герасимовски.

Со градоначалникот Герасимовски, гостин во емисијата „200“ беше и професорот од Електротехнички факултет Драган Миновски професор, кој воедно и учествува во комисијата која ја прави евалуацијата за претпријатието. Миновски изјави дека формирањето на ова претпријатие е одличен проект особено сега која се олеснети административните процедури за поставување на фотоволтаични централи на покривите на јавните институции. Според него ова е проект кој треба да го подготвуваат и другите општини бидејќи вакво јавно претпријатие секако ќе донесе бенефит за општината и граѓаните.

„Во моментов имаме олеснување во законската регулатива за поставување на фотоволтаични електрани на кровните површини. Така што со таа олеснета процедура веќе нема одредени административни барања и дозволи кои треба да се добијат од општините и од другите јавни претпријатија за поставување на поставување на фотоволтаични електрани. Потребен е основен проект за електрика и архитектура со кој се известува општината и потоа следи изведбата која е многу брза. Поставувањето е многу брзо за разлика од сите други видови на производни капацитети за електрична енергија односно една постројка на кровна површина од 100 кw може да се изгради за 2 недели, не сметајќи го административниот дел околу набавка. Во секој случај техничкиот дел на процедурата е навистина брз и лесен. Тие се поставуваат на кровните површини кои не да се користат во иднина и друг бенефит исто така е позитивното влијание на животната средина“, изјави Миновски.

Герасимовски напомена дека во овој момент фокусот на општината првично е формирање на општинското претпријатие, отпочнување со поставување на фотоволтаични електрани на јавните објекти под капа на општината. Потоа и негово проширување и во станбените згради каде енергијата ќе биде искористена за осветлување во заедницата односно во домовите, заедничките простории, лифтовите и секако продажба на вишокот електрична енергија која ќе донесе нови развојни инвестиции во општината.