Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во новата епизода „Маалски муабети“ отворено разговараше со жителите на улица Македонија, улицата која е сведок на сите пресврти во Скопје, од Јени Џаде, преку Краљ Петар и Маршал Тито, до денешниот урбан ритам.

Граѓаните укажуваат на бетонските згради на улицата која опстојува повеќе од 110 години, потоа скршените плочки, исушените дрва кои го нагрдуваат изгледот и се опасност за шетање. Ова не е во надлежност на општината, туку на градот, сепак и покрај многуте дописи и барања, градот не реагира. Ова е предизвик за Општина Центар и се работи на тоа проблемите сами да ги решат за доброто на центарци.

„Приоритет ни е санација на делот пред зградите во Градски Ѕид, тоа се оние плочници и секако жардинерите. Ставена ни е во програма, одобрени ни се финансиските средства и набрзо ќе пуштиме јавни набавки и ќе отпочнеме со проектот за целосна реконструкција на зеленилото на плочникот, но и на двете детски игралишта. Верувам дека за брзо време и тоа ќе го санираме, а имаме и проблем со паркирањето и пазарџиите. Нашите инспекциски служби се постојано на терен, даваме сè од себе да ги подобруваме условите, но и да излегуваме во пресрет на нашите жители. Според нивните потреби, идеи и предлози ги планираме и самите буџети за подобри услови за живот“, рече Герасимовски.

Жителите бараат повеќе зеленило, но и грижа за него. Воведување на комунална полиција, порачаа, треба да биде приоритет за следниот градоначалнички мандат.
„Постапката за воведување на комунална полиција, нешто што е неопходно за секој град и општина, е во тек. Ќе биде под капата на градот и општината, сè со цел да се стави поголем ред – и во гласната музика и неправилно поставување на урбаната опрема. Сето тоа да биде контролирано како во европските земји“, вети градоначалникот Горан Герасимовски.
Видео: https://www.facebook.com/watch?v=726939616981342
