Германското Јавно обвинителство повторно ја разгледува можноста да поднесе тужба против сопственикот на социјалната мрежа Фејсбук, Марк Цукерберг и други директори на компанијата, затоа што не спречиле расистички и заканувачи објави за време на бегалската криза во земјата, јави дописникот на МИА од Берлин.
Според Јавното обвинителството во Минхен, тужбата против Фејсбук е можна откако германска адвокатска фирма поднела жалба, според која, социјалната мрежа ги крши строгите национални закони против говорот на омраза, противуставно делување и поддршка за терористички организации.
Адвокатската фирма „Јун адвокати“ од Баварија, бара на Фејсбук да му се наложи врз основа на законите против говорот на омраза да мора да отстранува расистички и насилни објави од социјалната мрежа.
Компанијата „Фејсбук“ жалбата од германската адвокатска фирма ја отфрли како неоснована, укажувајќи дека германските судови и предходно ги прогласувале нивните жалби како неосновани.
Под притисок на германската јавност и институции, Фејсбук на почетокот на годината ја најми компанијата „Арвато“, која е дел од корпорацијата „Бертелсман“, да ги надгледува и да ги брише сите навредливи, насилни и расистички објави.