Германскиот парламент ги одобри истополовите бракови

Сподели

Долниот дом на германскиот парламент денеска го усвои законот со кој се дозволува склопување истополови бракови.

Текстот, во кој се наведува дека „бракот е доживотна заедница на две лица од различен пол или ист пол“, е усвоен со мнозинство од 393 пратеници.

Меѓу конзервативците, 226 пратеници гласале против.

Новиот закон мора да биде одобрен и во Горниот дом на парламентот за да стапи на сила, што се очекува до крајот до годинава.

Германија на овој начин се приклучува кон групата на дваесет западни земји, вклучувајќи и 13 европски, кои ги легализираа истополовите бракови.

Берлин во 2001 година одобри склучување граѓански заедница со права слични на брак, освен кога станува за даночни олеснувања и за посвојување деца.

Германската канцеларка, Ангела Меркел, отвори пат за ваков исход од гласањето, откако минатиот понеделник во интервју ги повика членовите на нејзината партија слободно да гласаат.

Таа претходно планирала гласањето да се одржи дури по парламентарните избори во септември, но нејзиниот малцински коалиционен партнер Социјалдемократската партија, го забрза гласањето во договор со опозициската левица во Бундестагот.

Според германските медиуми, Меркел гласала против легализација на истополовите бракови.

meta.mk