ГЛЕДАЈ ТУКА СУМ БЕЗ ПРОСТОР
Изложба со дела од уметничката колекција на Телеком
29.09 – 21-11.2021, Музеј на современата уметност – Скопје
Изложба со дела од уметничката колекција на Телеком
29.09 – 21-11.2021, Музеј на современата уметност – Скопје
На 29 септември, во 20 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје ќе биде отворена голема меѓународна изложба со наслов „Гледај тука сум без простор“ (See me moving placeless) со дела од најрепрезентативни уметници од Југоисточна Европа, кои се дел од уметничката колекција со која располага Дојче Телеком.
Целта на оваа поставка е да ги осветли политичките пејзажи, социјалните случувања и да најде точка на кохезија во прикажувањето на политиката и уметноста од овој регион.
Кураторки на изложбата се Мира Гаќина и Јованка Попова.
Кураторките селектираа 40-тина дела од уметници како: уметничкиот колектив “Словени и Татари”; Дан Пержовски, Хортенсија Ми Кафчин и Ципријан Мурешан од Романија; Ева Котаткова, Чешка; Петрит Халилај и Флака Халити од Косово; Агњешка Полска, од Полска; Младен Стилиновиќ, Србијa; Јасмина Цибиќ, Словенија; Даница Дакиќ и Шејла Камериќ од Босна и Херцеговина; Игор Грубиќ, Сања Ивековиќ, Марко Тадиќ и Владо Мартек од Хрватска; Лучезар Бојаџиев, Недко Солаков, Мартина Вачева и Правдољуб Иванов од Бугарија; уметничко дуо „Мала Варшава“ од Унгарија; Алевтина Какиџе и Володимир Кузнецов, Украина; Нилбар Гуреш и Бенгу Карадуман од Турција.
Меѓу современите автори, во колекцијата на Дојче телеком, се дела и од двајца исклучителни македонски уметници Јане Чаловски и Христина Иваноска, чии дела ќе бидат вклучени во изложбата на МСУ.
„Миграцијата е суштинско искуство на дваесет и првиот век. Конфликтите предизвикани од новите војни, транзициските неприлики и исклучувачките политики предизвикаа поместување на голем број луѓе на маргините од светот. Прашање за тоа дали постои нешто во посттранзициските држави што соодветно го третира минатото, за да ја прошири социо-политичката имагинација, да пропагира нови форми на меѓународна солидарност, и да обезбеди основа за продолжување во иднината е повеќе од релевантно. Оттука, претставените дела се политичка критика на „исклучувањето“, овозможувајќи им видливост и културно признавање на оние, кои се наоѓаат вон доменот на политиките, во и надвор од симболичните простори. Делата дозволуваат субверзивни врски, создавање алтернативни системи на ред, револт кон познатите системи и провокација за критичко размислување. Повеќе од кое било друго средство за шпекулирање, овозможуваат да патуваме напред и назад од нашата субјективна реалност, до консензус за посакувана, а можна сегашност. Намерата на изложбата е преку поврзување на естетиката и политиката да предложи нов наратив за регионот и да го редефинира начинот на перцепција на некогашните ситуации во нови прилики, кои поставуваат нов контра-распоред во културата“, велат Гаќина и Попова.
Уметничката колекција на Дојче Телеком е иницирана во 2010 година со намера да колекционира современи дела од уметници од Источна и Југоисточна Европа, кои даваат приказ на состојбите, социјалните и политичките промени по падот на Железната завеса. Овие уметници го искусија процесот на општествениот пресврт и преку сопствената биографија. Тие се современи сведоци на драматичните големи и многу мали промени што општествата ги доживеале во последните три децении. Колекцијата се состои од дела кои се разновидни во медиумот во кој се работени, почнувајќи од цртеж до дигитални инсталации.
Изложбата ќе биде отворена до 21 ноември 2021 година.
Отворањето ќе се одржи според пропишаните актуелни владини мерки во услови на пандемија.