Глобалната банкарска криза и светската економија – Џефри Д. Сакс

Сподели

 

Мирот и соработката се најдобриот лек за зголемените економски ризици, пишува Џефри Д. Сакс за Республика.

Џефри Д. Сакс

Банкарската криза што ја погоди „Силикон вели бенк“ (Sillicon Valley Bank – SVB) се прошири минатата недела. Сè уште е потресно сеќавањето на двете скорешни финансиски катастрофи: азиската финансиска криза од 1997 година, што доведе до сериозна рецесија во Азија и големата рецесија од 2008 година, што доведе до пад на економиите низ целиот свет. Новава банкарска криза ја погодува светската економија во време кога веќе сме соочени со последиците од пандемија, војна, санкции, геополитички тензии и климатски шокови.

Основната причина на актуелната банкарска криза е заострувањето на монетарните услови од страна на Системот на федерални резерви на САД (Фед) и Европската централна банка (ЕЦБ) по долгогодишна експанзивна монетарна политика. Во последниве години, и Фед и ЕЦБ имаа каматни стапки блиски до нула и ја преплавија економијата со ликвидност, особено по пандемијата. Лесниот пристап до пари доведе до инфлација во 2022 година и двете централни банки сега ја заоструваат монетарната политика и ги зголемуваат каматните стапки за да се запре инфлацијата.

Банките како SVB земаат краткорочни депозити и ги користат депозитите за да направат долгорочни инвестиции.

Банките плаќаат камата на депозитите и се стремат кон повисок поврат на долгорочните инвестиции. Кога централните банки ги зголемуваат краткорочните каматни стапки, стапките што се плаќаат на депозитите може да ја надминат заработката од долгорочните инвестиции. Во тој случај, заработката и капиталот на банките паѓаат. Банките можеби ќе треба да соберат повеќе капитал за да бидат безбедни и да продолжат со работа. Во крајни случаи, некои банки може да пропаднат.

Дури и ликвидна банка може да пропадне ако штедачите испаничат и одеднаш се обидат да ги повлечат своите депозити, настан познат како банкарска паника. Секој депонент брза да ги повлече депозитите пред другите депоненти. Бидејќи средствата на банката се врзани во долгорочни инвестиции, банката нема ликвидност да обезбеди готовина за штедачите кои ги фатило паника. SVP подлегна на таква банкарска паника и за кратко време владата на САД ја презеде банката.

Банкарската паника е стандарден ризик, но може да се избегне на три начини. Прво, банките треба да чуваат доволно капитал за да ги апсорбираат загубите. Второ, во случај на банкарска паника, централните банки треба да им обезбедат на банките итна ликвидност, со што би се ставил крај на паниката. Трето, владиното осигурување на депозитите треба да ги смири депонентите.

Извор: freepik.com

Во случајот со SVB, можно е сите три механизми да не се покажаа успешни. Прво, SVB очигледно дозволиле сериозна штета на својот биланс, а регулаторите не реагираа навреме. Второ, од нејасни причини, американските регулатори ја затворија SVB наместо да обезбедат итна ликвидност од централната банка. Трето, американското осигурување на депозити гарантира депозити само во износ до 250.000 УСД, па затоа не се спречи паниката кај депонентите на големи износи. По паниката, американските регулатори објавија дека ќе даваат гаранција на сите депозити.

Тука се поставува прашањето дали неуспехот на SVB е почеток на поопшта банкарска криза. Порастот на пазарните каматни стапки предизвикан од заострувањето на Фед и ЕЦБ им наштети и на другите банки. Сега, откако се случи банкарска криза, поверојатни се паники кај депонентите.

Идните банкарски паники може да се избегнат ако централните банки ширум светот обезбедат голем простор за ликвидност за банките кои се соочуваат со таква паника. Швајцарската централна банка обезбеди заем на Credit Suisse токму поради оваа причина. Системот на федерални резерви обезбеди 152 милијарди долари во форма на нови заеми за американските банки, во последните денови.

Итните заеми, сепак, делумно ги неутрализираат напорите на централните банки да ја контролираат инфлацијата. Централните банки се во дилема. Со зголемувањето на каматните стапки, тие го зголемуваат ризикот од банкарска паника. Меѓутоа, доколку ги задржат каматните стапки премногу ниски, најверојатно ќе опстојат инфлациските притисоци.

Централните банки ќе се обидат да ги спроведат двете акции: повисоки каматни стапки плус итна ликвидност, доколку е потребно. Ова е вистинскиот пристап, но си има своја цена. Економијата на САД и Европа веќе доживуваа стагфлација: висока инфлација и забавување на растот. Банкарската криза ќе ја влоши стагфлацијата и можеби ќе ги доведе САД и Европа во рецесија.

Дел од стагфлацијата беше последица од КОВИД-19, што ги натера централните банки да пумпаат огромна ликвидност во 2020 година, предизвикувајќи инфлација во 2022 година. Дел од стагфлацијата е резултат на шоковите предизвикани од долгорочните климатски промени. Климатските шокови би можеле да станат полоши оваа година доколку се развие нов Ел Нињо во Тихиот Океан, а научниците велат дека тоа е сè поверојатно.

Стагфлацијата се засили и поради економските нарушувања предизвикани од војната во Украина, санкциите на САД и ЕУ против Русија и зголемените тензии меѓу САД и Кина. Овие геополитички фактори ја нарушија светската економија со тоа што ги погодија синџирите на снабдување, зголемувајќи ги трошоците и цените, а истовремено попречувајќи го производството.

Треба да ја сметаме дипломатијата за клучна макроекономска алатка. Ако се искористи дипломатија за да се стави крај на војната во Украина, постепено да се укинат скапите санкции кон Русија и да се намалат тензиите меѓу САД и Кина, не само што светот ќе биде многу побезбеден, туку и ќе се намали стагфлацијата. Мирот и соработката се најдобриот лек за зголемените економски ризици.