Во својот „предупредувачки“ есеј за вградената, суштинската антидемократичност на капитализмот, насловен како „На работ од паметта“, најголемиот интелектуалец од Балканот во минатиот век, брилијантниот генијалец Мирослав Крлежа, пишува за малограѓанштината која со помош на бирократскиот и судскиот апарат ги гази сите оние кои ќе изустат само збор на критика за крвожедните буржуи и варварскиот општествено-економски профитерски систем кои тие го градат.
Зборува Крлежа за борбата за слобода и зачувување на својата гордост од страна на еден „обичен“ граѓанин, а се чини како да зборува за борбата на сите нас кои градот и системот секојдневно нè потценува и гази. Зборува, иако ненамерно, но се чини страшно прецизно, и за нашиот меркантилен град во кој сите сме прегазени од борбата за профит и егзистенција, а и од многубројните озборувања, измами и подметнувања, кои не значат ништо друго освен задоволување на вештачките дневни потреби на лумпенбуржаската класа. Тој есеј зборува за некогашните, но и за нашите сегашни малограѓански човекојадци кои преку разните граѓански политички партии го окупирале и владеат градот, за онаа толпа психички болни градски медиокритети која се свиткала во клопче на сопствената профитерска и егоистична мономанија, клопче кое го проголтува сето друго околу него што не е морално болежливо, расипано, корозирано, нагризено, раздразнето и хистерично. Зборува индиректно, секако, и за онаа наша насилничка булумента која со безбол палки и навредливи зборови лута по нашиот алексичен град како торнадо, и уништува сè на што ќе наиде пред себе.
На сите треба да им стане јасно дека денешната луда градска бркотница по пари и имоти, предизвикува неврастенија, односно растројството на нервниот систем што се покажува како премаленост, раздразнетост и главоболка, предизвикува разни облици шизофренија, а сите тие форми на психопатологија најчесто значат вовед или во самотничка носталгија и солипсизам, или во состојба во која пијано и кокаинизирано се пелтечи за туѓите и честопати измислени пороци, за „тајниот“ живот на своите комшии и сограѓани, за туѓата „неспособност“, за најневеројатните теории на заговор, но и за тековната политика, за спортот, историјата, правдата и неправдата… Овие персонални болештини и трауми на моменти произведуваат болна нарцисоидност, а понекогаш болна ништожност и чувство за безвредност. Оттука, нашата завидлива, религиозна и суеверна малограѓанштина не само што не верува, на пример, во постоењето на свемирот и човечноста, туку фанатично верува во просветителски разобличената глупост за постоење на Бог, или им верува на зборовите на своите партиските лидери. Овие современи градски трауми, многу често, се појавуваат како видливи дисфункции на половата моќ и забележително успорена работа на мозокот и здравиот разум, а сето тоа пак предизвикува претерано зголеменото „Јас“, кое на моменти се сомнева во самото себе, а на моменти е подготвено за секаков вид претерувања за сопствените способности и моќи и за потценување и омраза кон сите останати.
Се чини дека во нашето градско криминално мочуриште во кое царуваат безмилосната капиталистичка експлоатација и збирштина од бесрамни малограѓански афери, интриги и озборувања е загубена сета убавина на човековиот живот. Во градот сè е вештачки испреплетено, сè е далеку од природното, од непосредното, од спонтаното. Сè се движи меѓу желбите и потребите на газдите, партиските шефови и бирократите, сиот живот е претворен во робовладетелство, во продавање на телото, на душата и на работната сила, продавање на своето семејство и пријателите, па дури и на највредните, најсвоите нешта – сопствените мисли, сопствените уверувања и сопствените идеи. Во такви услови, неминовно, животот на огромното мнозинство луѓе се претвора во тажно постепено умирање покрај работните маси, на градежните скелиња, по нивите, или, едноставно и просто, во бавно умирање по улиците, кафеаните, тротоарите и затскриените сокачиња на перифериите од градовите и селата. Животот е денес, невидливо ама реално, изгризан со уморот од секојдневната бркотница за да се заработи и за себе и за стопаните околу нас и во светот. Тој, животот е претворен во сивило и во отупен збир на плитки и банални емоции, кои, всушност, се сведуваат на задоволување на атавистичките инстикти за ситост, наспаност и секс. Затоа, во таа и таква сива и уморна немоќ, проследена со убиствена меланхолија заради осаменоста и прегазеноста од своите соседи, комшии, роднини, газди и политички предатори, да бидеш „насмеан и тих е најголема уметност во светот“, што би рекол големиот поет Сергеј Есенин.
Движејќи се низ овој онеписменет град кој е на работ од паметта, човек лесно ќе разбере дека не останаа многу умни и разборити луѓе. А тоа е, веројатно, една од неколкуте најстрашни несреќи, што на еден град може да му се случат. Но, како што сведочиме, тоа токму сега, ете, ни се случува. Фактички, само со констатацијата дека градот е на работ од паметта, или поправо можеби отаде паметта, може да се објасни фактот што тука политичкиот, финансискиот и параинтелектуалниот естаблишмент ги онеправдува и протерува чесните и успешните, работливите и пристојните, убавите и културните, а наместо нив ги фаворизира празноглавите насилници, сексуалните манијаци, докажаните политички лудаци и нивните помошници од редовите на неспособните медиокритети, грдите евнуси и ефтини проститутки од кругот на самопрогласената „градска елита“, односно сета онаа орда на малограѓани кои својата психичка нестабилност и исфрустрираност ја претставуваат како нормалност, своите измами како вистини, својот криминал како чесност, својата полуписменост како врвна стручност, а својата безгранична глупост како мудрост.
Но, без разлика на тоа што нашите градски политички кнезови и лажните интелектуални грофови нè уверуваат дека човековата алчност, завидливост, глупост и злоба се вечни и непроменливи, дека борбата против нив е целосно јалова работа, сепак човек може и треба да се спротивстави на ваквите лаги. Тоа се лаги кои треба да нè омалодушат и да го убијат нашиот отпор. Човек, ако е слободен човек, треба да се спротивстави на ваквите глупости, на филозофијата на малограѓанштината, на фашизоидни тенденции кои нè оддалечуваат од паметта и кои на сите, секојдневно, ни го рушат човечкото достоинство. Секој треба да се потруди да си го сочува здравиот разум и да си ја запази недопрена гордоста, колку тоа да изгледа неможно и неисплатливо. Оти само така луѓето ќе останат луѓе, а градот ќе биде пристојно катче за да се помине времето што се нарекува живот.