Со цел намалување на ефектот на „Урбаните топлотни острови“, Град Скопје во соработка со УНДП почнува со реализација на проект за изготвување и поставување заштитни стреи на 9 утврдени пешачки острови низ Скопје.
Поставувањето на заштитните стреи на пешачките острови ќе обезбедат заштитни сенки од топлина за пешаците и велосипедистите.
Голем дел од пешачките острови на подрачјето на Скопје, со направени претходни студии се мапирани како места кај кои има зголемен ефект на урбани топлотни острови. Градот Скопје изминатиов период изврши мерења со користење термална камера во три дневни интервали на повеќе локации, а според резултатите утврдени се најтоплите девет точки кај кои ефектот на урбаните топлотни острови е најголем. Највисоките температури согласно мерењата на овие 9 локации се движат меѓу 50 и 55 степени целзиусови, а највисоката температура од 60,3 степени е измерена на крстосницата кај објектот на Делегацијата на ЕУ во Центар.
Со цел обезбедување заштита од топлина за пешаците и велосипедистите и намалување на температурите на овие пешачки острови, Град Скопје во наредниот период ќе го реализира проектот за поставување заштитни стреи.
За изработката на проектната документација, во Буџетот на Град Скопје за оваа година се превидени 10.000 евра, а за реализацијата на проектот се предвидени дополнителни 30.000 евра.