Град Скопје и Железници размислуваат за воведување комбиниран билет за воз и автобус

Сподели

Град Скопје и Железници – Транспорт се заинтересирани за воведување на нова, комбинирана карта за патување со воз и јавен превоз во главниот град. Ваквиот билет веќе се користи во поголемите градови од развиените земји, а со него би им се овозможило на граѓаните со една карта да извршат трансфер од автобус во воз и обратно, со цел полесно да стигнат до посакуваната дестинација во некој друг град. На тој начин, градските власти би го поддржале зголемувањето на мобилноста на граѓаните.

Од Железници – Транспорт за „Мета“ велат дека користењето на комбиниран билет би било во функција на сите оние што ги користат услугите на железницата и на јавниот превоз во Скопје. Голем интерес за воведувањето на комбиниран билет за воз и автобус има и од Град Скопје, од каде нагласуваат дека комбинираниот превоз ќе стане многу попримамлив за граѓаните по воведувањето на новата мрежа на автобуски линии, на која во моментов се работи.

Од железничката транспортна компанија се надеваат дека еден ваков проект со помош на владата ќе може да се реализира за да се обезбеди заедничка понуда на единствен билет за патниците кои патуваат со воз и јавен превоз во Скопје.

– Станува збор за еден пообемен проект кој треба да вклучи истражување поврзано со дефинирање на навиките на корисниците на овие услуги и нивните потреби – нагласуваат од Железници – Транспорт.

Идејата за воведување на комбиниран билет за воз и јавен превоз во Скопје би помогнала во надминување на проблемот со дивите превозници, кои секогаш можат да им понудат превоз на граѓаните до крајната дестинација во главниот град. Ваквата возна карта ќе значи голем бенефит и за стотиците граѓани од Велес, Куманово и другите населени места кои секојдневно патуваат со воз до Скопје, при што за продолжување на нивното патување до крајната дестинација се приморани да ја купат или да ја надополнат картичката „Скопска“.